Oпштинското основно училиште „Димитар Миладинов“ стана едно од 1.212-те училишта наградени на ниво на Европа. Сертификатот го доби во просториите на Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност.
Од општината Центар информираат дека е-твининг е образовна платформа што дава можности за виртуелни проекти, со партнерства на повеќе училишта од повеќе земји, со искористување на предностите што ги дава информатичко-комуникациската технологија (ИКТ) во процесот на комуникација и колаборација помеѓу образовните институции од цела Европа. Задачата на е-твининг е поставување и развој на систем од мрежи помеѓу училиштата.
– Сите ученици од Европа, во рамките на своето основно и средно образование, треба заедно со своите наставници да имаат можност за учество во образовни проекти со ученици и наставници од други европски земји. Ова искуство може да биде решавачко во поставувањето на европската димензија во образованието и формирањето кај младите претстава и знаење за европскиот модел на јазична и културна разнообразност. Проектите е-твининг служат и за професионален развој на наставниците и обучувачите преку користење ИКТ – објаснуваат од општината.
Оваа иницијатива ја поставува концепцијата на училишните партнерства на ново квалитативно ниво. Ја застапува идејата за соработка, која треба да опфаќа подолг временски период, да вклучува значаен број наставници, директори на училишта и друг персонал, како и да создава односи и релации во поширок спектар дисциплини.
Покрај ООУ „Димитар Миладинов“, добитници на овој сертификат се уште шест училишта на ниво на Република Македонија.