Новогодишната елка што е поставена на плоштадот Македонија ќе светне утревечер во 19:30 часот, а ќе почне со работа и новогодишниот базар „Винтерленд 2020“, соопшти град Скопје. Со тоа, како што велат од градот, во Скопје и официјално ќе почне празнувањето во пресрет на највеселиот ден во годината, а граѓаните ќе имаат можност да ја почувствуваат новогодишната магија и да уживаат во најразновидна забавна програма.
Новогодишните куќички на „Винтерленд“ се сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена – од отворањето на базарот, па сè до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година. Во близина на куќичките ќе биде сместена и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.
Во работните денови секој ден ќе има 2 часа детска програма која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има 3 часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма која ќе почнува точно напладне.