Фото: Нова Македонија / Илустрација

Втор ден екипи на „Македонија пат“ ја уриваат дивоградбата пред ДТЦ „Мавровка“. Доцна синоќа кај градилиштето бил донесен уште еден багер, па денес истовремено ќе се урива со две машини.

Просторот околу објектот е ограден со заштитана лента, а и денес уривањето го обезбедуваат голем број полицајци.

Уривањето почна вчера, еден ден по владината одлука дивоградбата да ја урне „Македонија пат“ откако ниту една фирма не се јави на огласите на Општина Чаир.

Вчера првпат во јавноста се појави и сопственикот на дивоградбата Мевљудин Алити кој тврди дека имал одобрение да го обнови објектот кој изгоре до темел во мај. Тврди дека никаде не било прецизирано со каков материјал да го обнови, а тој се одлучил за армиран бетон.

Градбата според него не излегува од габаритот на изгорениот објект и не планирал да гради уште еден кат тука само покрив иако во објектот се гледаат скали кои водат на вториот кат. Алити најави дека за уривањето ќе се жали во Стразбур.


Шилегов: Тврдењето за легализацијата на дивоградбата кај „Мавровка“ е подигрување со паметот

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов смета дека уривањето на дивоградбата кај „Мавровка“ ќе ја дестимулира нелегалната изградба, додавајќи дека во случајот не станува збор за комуналии, туку за надомест за легализација.

– Таму е легализиран објект во сутеренските простории. Само тоа било предмет на легализација. Не може да ги поистоветувате легализацијата што била извршена од страна на Општина Чаир во сутерен, со овој објект. Да не тврдиме дека тоа што било предмет на легализација, е ова што е предмет на рушење. Ова е подигрување со здравиот памет на секој од нас, пред се како граѓани, а потоа како луѓе што ги водиме институциите – изјави Шилегов.