Според професор д-р Минас Бакалчев од Архитектонскиот факултет во Скопје, не секогаш ни треба високоестетизиран урбан пејзаж, туку навлегување на ендемската природа во градот, соочување со специфичната почва и можноста за нејзино негување. Тој вели дека таквата „цветна револуција“ станува конкретна нова практика во низа градови. Од теоретскиот концепт на „Градината што расте диво“ од 1970-тите на влијателниот архитект и теоретичар Кристофeр Александер, до новата практика на низа градови од Обединетото Кралство од 2020 година, чии градски совети ја спознале глобалната климатска состојба и ги прифатиле различните проекти на „дивите цвеќиња“, односно враќање на природата во градовите
Архитектите со старо-нови идеи
Сѐ понеподнослив станува животот во градовите во лето откако тие се изложени на сѐ повисоките надворешни температури. Граѓаните се принудени да бараат освежување по парковите, фонтаните и под сенките на крошните на старите дрвја. Но дали се доволни ваквите мали микролокации за освежување или можеби архитектите треба да размислуваат и за нешто друго. Можеби за поинакви градби и нови можности за разладување во сѐ повеќе забетонираните градови кај нас, каде што зеленилото не се поштедува од уништување. Според некои архитекти, еден град на плус 40 Целзиусови степени го изострува нашето однесување во него, во однос на движењето, согледувањето, чувствувањето. Го создава базичниот однос кон урбаните и природните феномени. Затоа во градовите се потребни празни и непрограмирани места, навлегување на ендемската природа, смислена интеграција со природните елементи. Во овие услови на високи тропски горештини во градовите речиси инстинктивно ги следиме свежите струи, сенките на дрвјата, местата со вода. На истиот начин, велат архитектите, заканите на глобалното затоплување и климатските промени ги поставиле пред основните услови на опстојувањето на нашите секојдневни места и преосмислување на основниот однос со природата. Но додаваат дека приспособувањето кон нашата околина, кон климата, кон теренот, кон технолошките можности, не е ексклузивно современа потреба, тоа е речиси континуирано историско искуство на човекот.
– Не се работи само за природниот имиџ на нашата околина, но пред сѐ за реалниот биодиверзитет, кој во начините на еднозначното пејзажно обликување сѐ помалку се застапува. Не секогаш ни треба високоестетизиран урбан пејзаж, туку навлегување на ендемската природа во градот, соочување со специфичната почва и можноста за нејзино негување. Таквата „цветна револуција“ станува конкретна нова практика во низа градови. Од теоретскиот концепт на „Градината што расте диво“ од 1970-тите на влијателниот архитект и теоретичар Кристофeр Александер, до новата практика на низа градови од Обединетото Кралство од 2020 година, чии градски совети ја спознаа глобалната климатска состојба и ги прифатија различните проекти на „дивите цвеќиња“, сведоци сме на напорите на враќање кон природата на градовите. На плус 40 Целзиусови степени токму градот го гледаме не само како естетски или профитабилен феномен туку како место на суштествено преобмислување и воспоставување на економијата на животот, на една своевидна симбиоза на живиот и артифициелниот свет. Ние треба да ја поддржиме и овозможуваме токму таа конкретна појава на градот – вели професор д-р Минас Бакалчев од Архитектонскиот факултет во Скопје.
Според Бакалчев, нашите живеалишта се сложени системи, никогаш еднозначно одредени, туку секогаш се наслоени, социокултурни, артифициелни, природни состави. Не секогаш се прашања на квантитет, туку на специфичен начин на составување.
– Празните места во градот и она што каталонскиот архитект и филозоф Сола Моралес во 1990-тите го нарече терен вог („Terrain Vague“) стануваат сè поважни. Токму тие нејасни места, како двосмислените простори на градот, местата што се физички дел од градот, но постојат надвор од официјалните културни, социјални и економски движења отвораат нови начини на гледање на градот. Скопје на пример преку својата драматична историја, имаше низа отворени, недовршени места. Но тие постепено и со сѐ поголем интензитет се исполнуваат.
Неретко нивната интерпретација и „урбана интеграција“ е понесоодветна и понасилна од празнината што ја заземаа. Но токму тие напуштени, застарени, непродуктивни простори и градби имаат потиснат потенцијал на различни можности: на градини што растат диво, на низа „супкултурни“ активности или на привремено урбано земјоделство, во нив или околу нив, може да се содржи вистинскиот живот на град. Ново Маало денес може да го гледаме како заборавено место, на истиот начин и отсечоците околу фабриката „Треска“, како и низа урбани џебови, празни или исполнети со маргинализирани случувања, тоа се сите места каде што се сретнуваме со своевидно можно култивирање на „дивата“ непланирана состојба – смета професор д-р Бакалчев.
„Дивите“ урбани ливади и феноменот на поединечните дрвја
Поведението на празните места може да влијае и на начинот на кој се однесуваме со зелените површини, а професорот Бакалчев смета дека зад еднаш ексклузивни дадености на декоративно пејзажно уредување на зелените површини сѐ повеќе ја спознаваме сложеноста на природата во „дивите“ урбани ливади. Во нив го препознаваме сезонското, но разнородно цветање на градот, но и жолтата фаза на ендемската вегетација во жешките лета.
– На почетокот на дваесеттиот век, прочуениот австриски урбан теоретичар Камило Зите, во критиката на модерните системи во влијателното дело „Уметничко обликување на градот“, пишува за феноменот на поединечните дрвја. Камило Зите напишал: „Сите што го виделе Рим ќе ја запомнат таа моќна палма кај Латерано. Целата слика е збогатена со осаменото дрво, видливо од далеку, низ мноштвото улици. Таа единствена палма му дава на Рим карактеристика на јужниот град, бидејќи ова единствено стебло ја поттикнува имагинацијата на ист начин како и цел ред палми.“ Токму диспозицијата на поединечните доминантни дрвја, нивната просторна, функционална, социјална и симболична функција е конститутивна за традицијата на нашите градови. Поставувањата на дрвјата во јазолните точки му дава специфичен идентитет на Велес. Седумте јавори во Велес го означуваат градот, но и низата специфични места, маалските центри.
На истиот начин чинарот во Старата скопска чаршија означува едно од средишните места на чаршијата, како една отворена соба под големата крошна, овозможувајќи ја разнородната активност на ова јавно место – додава професор д-р Бакалчев.
Според него, за нашите градови не се потребни само артифициелни обележја, инсталации или графити, туку смислена интеграција со природните елементи. Не само квантитет туку и идентитет, препознавање на дрвјата како индивидуализирани појави и места. Според него, еден јавен простор не може да стане заедничко место, сѐ додека нема едно дрво, една чешма и одредени заеднички содржини и, секако, луѓето што попатно или смислено се собираат околу него. Тоа се оази во текстурата на градот за човекот, за птиците, за целиот жив свет, кои наоѓаат поткрепа околу и во крошната на тие доминантни дрвја. Тоа е сликата на нашите стари маала, но тоа е можно и денес.