Во извештајот за функционирањето на јавното претпријатие „Улици и патишта“ стои дека во првите шест месеци од годинава се поставени и се заменети 233 сообраќајни знаци; исправени/извадени се 77 знаци; отстранети се 25 знаци; поставени се десет светлечки сообраќајни знаци и извршени се 292 контроли на вертикалната сообраќајна сигнализација. Градските власти велат дека, за жал, сѐ почеста е појавата на уништување на јавните добра од страна на несовесни граѓани, без разлика за што станува збор. Оттаму додаваат дека екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ постојано се на терен, каде што ги менуваат дотраените сообраќајни знаци, а и поставуваат нови онаму каде што има потреба за тоа
Сообраќајните знаци сѐ почесто прекриени и замаскирани со графити
Сообраќајните знаци поставени по должината на булеварите, улиците и маалските улички, речиси секогаш се цел на вандали. Исечени, оштетени, залепени со разни налепници… Тоа е многу честа слика што може да се види на сообраќајните знаци низ градот. Така, првичната цел на сообраќајната сигнализација и на знаците да информираат, предупредуваат и да превенираат, сега се губи, токму од постапките на несовесните граѓани. Па, така, наместо да спасат нечиј живот, знаците најчесто пречат во движењето, бидејќи пораката што треба да им ја испратат на учесниците во сообраќајот ја нема.
Некои од граѓаните велат дека најчестите уништувачи на поставената сигнализација се младите, кои кога се во група од повеќе лица прават сѐ за да бидат интересни и да покажат дека не се плашат да прават работи што не се дозволени. Па, така, најчесто кршат и уништуваат предмети што се јавна сопственост, а тука спаѓаат и сообраќајните знаци.
– Живеам во Бутел 2 и на уличката кај нас има сообраќаен знак што покажува првенство на минување. Не дека некој може да го види, бидејќи истиот тој е оштетен до таа мера што може да се види само дека станува збор за сообраќаен знак. Возачите воопшто не го ни забележуваат, но сепак не се тие виновни. Знакот е оштетен и нефункционален – вели Филип Станоевски, граѓанин на Скопје, кој алармира за повеќе вакви појави.
Дека состојбата со сообраќајните знаци навистина е алармантна тврди и Елена Стојановска, која смета дека мора да се најде начин да се заштитат сообраќајните знаци, затоа што токму тие можат да спасат нечиј живот.
– Постојано е истата слика. Наместо да се види знакот, се гледа потпис на уметник на графит. Ако не е тоа, тогаш се гледаат голем број лепенки, меѓу кои има и огласи. Па, така, на сообраќајните знаци може да најдете огласи за пишување семинарски, огласи од професори што нудат часови по одредени предмети… не знам која е поентата на уништување на нешто што навистина е потребно во сообраќајот, па дури и на споредните и мали маалски улички, каде што доста често возила прелетуваат како да се на трки – вели таа.
Градските власти велат дека, за жал, сѐ почеста е појавата на уништување на јавните добра од страна на несовесни граѓани, без разлика за што станува збор. Оттаму додаваат дека екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ постојано се на терен, каде што ги менуваат дотраените сообраќајни знаци, а и поставуваат нови онаму каде што има потреба за тоа.
– Поставувањето на хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација се врши во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Сите работи ги извршува јавното претпријатие „Улици и патишта“ во согласност со годишната Програма за одржување, проектирање и
изведба на светлосна, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на подрачјето на Град Скопје, донесена од страна на Советот на Град Скопје. Во согласност со оваа програма, одржувањето на сообраќајната сигнализација се врши во континуитет, а истата таа се извршува редовно, периодично и интервентно. Доколку граѓаните имаат замерка за поставената сигнализација, за истата таа е потребно да контактираат со Секторот за сообраќај на Град Скопје – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека Градот го усвоил извештајот за функционирањето на јавното претпријатие „Улици и патишта“ во првите шест месеци од годинава.
– Советот на Град Скопје минатата седница го усвои Извештајот за првите шест месеци на јавното претпријатие „Улици и патишта“, кое е задолжено, меѓу другото, и за реализација на програмата за поставување хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
Во согласност со овој извештај, се поставени и се заменети 233 сообраќајни знаци; исправени/извадени се 77 знаци; отстранети се 25 знаци; поставени се десет светлечки сообраќајни знаци и извршени се 292 контроли на вертикалната сообраќајна сигнализација – велат од Градот.
Оттаму додаваат дека во рамките на поставувањето хоризонтална сообраќајна сигнализација се обележани сообраќајници во површина од 16.311 квадратни метри коловоз.
– Од аспект на светлосна сигнализација, во првите шест месеци од годинава се поставени десет конзолни и пет обични семафорски столбови; поставени се пет тастери за најава на пешаци; репарирани се 80 ЛЕД-модули; репарирани се 17 лантерни (возачки и пешачки); поставени се пет возачки и две пешачки лантерни и поставени се 15 индуктивни јамки за сообраќајна лента – информираат градските власти.