ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како јавно претпријатие, секогаш е во служба на граѓаните и во служба на исполнување на потребите на своите корисници. Во изминатите четири години, претпријатието ја насочи својата мисија кон поставување нови стандарди во работните процеси. За изградбата на пречистителна станица за отпадни води, новата лабораторија за молекуларна биологија со примена на ПЦР-техника во реално време – еволутивен напредок на претпријатието, разговаравме со Душко Весковски, генерален директор на „Водовод и канализација“

ИНТЕРВЈУ СО ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ – СКОПЈЕ

Реализацијата на проектот „Пречистителна станица за отпадни води – Скопје“ е започната. До каде се активностите за истиот тој?
– Јас сум навистина горд што успеавме да ја отпочнеме реализацијата на проектот за изградба на ПСОВ-Скопје, еколошки, капитален проект во вредност од 136 милиони евра, од исклучително големо значење за градот Скопје, но и пошироко. Реализацијата на проектот се одвива етапно, во неколку развојни фази. Во моментот е отворен тендерот за дизајн и изградба на Пречистителната станица за отпадни води – Скопје, кој и официјално се отвори на 17 септември 2021 година и во него учествуваат трите компании што ја поминаа првата фаза на претквалификации. Станува збор за домашни и за светски реномирани компании, специјализирани во својата дејност. Завршувањето на оваа тендерска постапка ќе значи и избор на компанија што ќе ја проектира и ќе ја започне изградбата на Пречистителната станица за отпадни води – Скопје. Исто така, во текот на септември се објави и тендерот за избор на компанија за администрирање на договорот и супервизија на изградбата на ПСОВ-Скопје. Во овој избор учествуваат осум компании, од Германија, Швајцарија, Франција и од Данска, кои ја поминаа првата фаза на претквалификации.

Кои се најголемите проекти реализирани во изминативе четири години?
– ПСОВ-Скопје е проект од капитално значење не само за градот Скопје, чија реализација претставува еволуција во третманот на отпадните води во нашата држава, прв и најголем проект, воопшто започнат во градот Скопје и ЈП „Водовод и канализација – Скопје“. Како таков е препознаен кај нас и во светот, а доказ за тоа е добиената награда на „Наградите за одржливост 2020“, во организација на Европската банка за обнова и развој. Овој релативно краток период, од четири години, го одбележуваат многу значајни случувања, реализирани и отпочнати проекти, остварени соработки со СОС „Детско село“, „Пакомак“, „Кроација осигурување“ АД Скопје, „Водовод Будимпешта“, со кои отворивме ново поглавје во дејствувањето на јавните претпријатија, примената на позитивни практики во полето на заштитата на животната средина и општествено-одговорното дејствување. Во овој период, станавме и првото јавно претпријатие што започна со целосна употреба на еколошка биоразградлива хартија за печатење на сметките. Работевме посветено, професионално, вложивме многу труд за достигнување на јасно поставените стратегиски цели. Успесите се видливи кај нас, но и пошироко. Доказ за професионалниот пристап во изведба на работните активности е и потврдената сертификација и акредитација на имплементираните ИСО-стандарди: ИСО 9001, ХАССП, ИСО 14001, ИСО 17020 и ИСО 17025. Врз основа на спроведениот мониторинг од страна на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, „Водовод и канализација“ е најтранспарентното јавно претпријатие, што претставува јасна потврда за вложениот труд и заложбите за подобрување не само на работните процеси туку и на угледот на претпријатието воопшто.

Кои се најголемите инвестиции направени во овој период од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје?
– Во текот на изминатите четири години, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во согласност со програмите за работа и инвестициските програми, ги насочи инвестициите за подобрување на перформансите на сите сектори и подобрување на услугите за корисниците. Во согласност со проектно-техничките документации и урбанистички планови се инвестираше во реконструкција и изградба на нова водоводна мрежа во должина од околу 70.000 метри, фекално-канализациска мрежа во должина од околу 40.000 метри и атмосферско-канализациска мрежа во должина од околу 22.000 метри. Обновениот возен парк и механизација резултираа со зголемена мобилност, ефективност и ефикасност. Инвестициите во механизацијата достигнуваат до 100.000.000 денари и се однесуваат на товарни возила кипери, товарни возила за пренос на опрема и патници, специјализирани градежни машини, цистерни под притисок и со вакуум, специјализирано возило за детектирање дефекти и мобилни високопритисни пумпи за одзатнување на канализацијата. Подобрувањето на перформансите на претпријатието и достапноста на неговите услуги се реализира преку имплементација на процесите за дигитализација со воведување електронски сервиси, киосци за наплата и мобилната апликација достапна за андроид и иОС. Дејствуваме и во насока на олеснување на можностите на граѓаните за намирување на долговите со реализација на акции за наплата на долговите без пресметка на камата и на рати.

Каква вода пијат скопјани?
– Скопјани ја имаат честа да пијат природна вода од изворот Рашче, со висок квалитет, на второ место во Европа, веднаш по Виена. Квалитетот на водата и нејзината безбедност секојдневно се контролираат и се гарантираат преку анализите изведени во акредитираните лаборатории, според ИСО 17025, на Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Со проширување на акредитацијата, лабораториите станаа достапни и за пошироката јавност и се овозможија услови за вршење анализи на сите видови пакувана и минерална вода. Во изминатиот период посебно внимание се посвети на унапредување на процесите за изведување на хемиските и микробиолошките анализи за квалитетот на водата за пиење. Вкупна инвестиција во висина од 22.256.778 денари се насочи кон унапредување на капацитетите на лабораториите во Секторот за санитарна контрола и високоспецијализирана опрема, во која се вклучуваат гасен хроматограф, систем за производство на дејонизирана лабораториска вода, микробиолошки сигурносен кабинет и лабораториски дигестори. Најголемото достигнување на Секторот за санитарна контрола е новоформираната лабораторија за молекуларна биологија во рамките на Одделението за микробиолошка лабораторија, во која детекцијата за доказ на квалитетна и микробиолошки контролирана вода за пиење се врши со ПЦР-техника во реално време. Карактеристично во молекуларната биологија е дека за идентификација се користи ДНК-технологија. ПЦР-детекцијата во реално време стана една од најшироко користените техники поради својот динамичен опсег, огромна чувствителност и точноста на резултатот за релативно кратко време. Добиените резултати по ваквиот специфичен и модерен вид молекуларно-микробиолошка анализа е доказ за квалитетна и санитарно-технички исправна вода за пиење, која ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје им ја испорачува на своите корисници и гарантира секојдневно за безбедноста на водата за пиење.

[email protected]