Влезот на Старата чаршија каде што вообичаено можат да се купат спорните сувенири Фото: Игор Бансколиев

Интересот на јавноста, а веројатно и на надлежните институции, за случајот „Хитлер на сувенири во Скопје“, отвори низа прашања од тоа, кој ги направил ваквите сувенири, со која цел, кој ги продава, дали е казнива оваа појава, има ли засега последици од ова, дали некој досега реагирал и ако е така, зошто се дозволило тоа да продолжи… Скопје и Македонија никогаш во својата историја не дозволиле да се насади и да изникне никулецот на антисемитизмот. Што се случува сега и сака ли некој да отвори црна страница во престолнината на Република Македонија?

Изминативе денови јавноста се разбранува со информациите за појавата на сувенири (во вид на магнети) со ликот на Хитлер во Старата скопска чаршија, кои се продаваат слободно. Оваа појава иако ја вознемири јавноста пред некој ден, таа воопшто не датира од скоро, туку од многу поодамна. Да бидат шокот и вчудовиденоста на минувачите уште поголеми, граѓаните откриваат дека оваа појава трае веќе подолго време, таа е пријавена во соодветни институции и никој досега не реагирал. Овој пат, јавноста дополнително се зачуди од еден несфатлив факт дека овие магнети доста добро се продаваат периодов.
Во Старата скопска чаршија има два штанда каде што можат да се купат, а се нудат во две варијанти. Едниот магнет е со националсоцијалистичкиот симбол и со Адолф Хитлер, другиот е само со Адолф Хитлер, додека, пак, порано имало и магнет со ликот на Бенито Мусолини, кој додека редакцијата работеше на овој случај не беше забележан. Во секој случај, интересот на јавноста, а веројатно и на надлежните институции, отвори низа прашања од тоа, кој ги направил ваквите сувенири, со која цел, кој ги продава, дали е казнива оваа појава, има ли засега последици од ова, дали некој досега реагирал и ако е така, зошто се дозволило тоа да продолжи… Скопје и Македонија никогаш во својата историја не дозволиле да се насади и да изникне никулецот на антисемитизмот. Што се случува сега и кој стои зад ова?

Во разговор со Горан Садикаријо, извршниот директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, дознавме дека појавата на овие магнети е забележана во 2016 година. Во тој период фондот има реагирано на оваа појава, а подоцна, во 2018 година Еврејската заедница во Р Македонија има поднесено иницијатива за промена на Кривичниот законик.

– Овие магнети што се продаваат на штандовите не се од сега, ние ги забележавме во 2016 година и реагиравме тогаш. За жал, прикажувањето и купувањето на овие предмети не претставуваат кривично дело. Затоа минатата година поднесовме иницијатива до Министерство на правда за промена на Кривичниот законик за санкционирање на глорификација на националсоцијализмот и забрана за употребата на неговите симболи, негирање на холокаустот како и ширење антисемитизам – вели Садикаријо.

Горан Садикаријо

Очигледно, проблемот со овој вид „сувенири“ постои подолго време, проблемот не е појавен сега, но сега се актуализира. Зошто е тоа така?

Македонија не претставува антисемитистичка земја, а и низ годините таа секогаш била против вакви дејства. Свежи се сеќавањата за појавата на нацистички симболи на Еврејските гробишта во Битола, кога целата јавност се крена на нозе, а граѓани-волонтери се вклучија во акцијата за отстранување на трагите од вандалскиот чин.

Според Садикаријо, секогаш кога има криза луѓето проблемот го бараат кај другите наместо да го побараат кај себе. А според сите последни случувања во земјава и околу неа, може да се каже дека Македонија е во некаква идентитетска криза. Во случај кога луѓето немаат доволно пари за да се издржуваат од една страна и од друга страна се чувствуваат како да го губат идентитетот како Македонци, причината за вакви појави, што вклучува и зголемена продажба на ваквите предмети, станува малку појасна.

– Кога има некаква криза, луѓето не секогаш се склони да се погледнат себеси во огледало. Затоа погледнуваат кон некој друг. Кога се дозволува да се продаваат магнети со ликот на Хитлер, гледаме дека нешто не е во ред со општеството. Тие што продаваат гледаат само да заработат. Но овозможувањето продажба на вакви материјали не е само навреда кон Евреите туку и на целото наше општество, како целина. Од таа причина на младите генерации треба да им се посвети повеќе внимание за деструктивноста на националсоцијализмот, да се едуцираат повеќе за холокаустот и за Втората светска војна. Холокаустот не почна со убивање туку со збор и пропаганда – вели Горан Садикаријо.

Тој додава дека Меморијалниот центар е посветен на едукативни активности, кои се во насока да им помогнат во давање алатки на професорите како формални едукатори, кои ќе можат да ги употребат во училиштата. Меморијалниот центар ја раскажува приказната за двемилениумско присуство на Евреите на овие простори, прикажувајќи ги ужасите од појавата на националсоцијализмот, холокаустот, како и тоа што Македонија го изгуби во Втората светска војна.

За време на нашата посета на посочените места во Старата чаршија, ни беше укажано дека тие магнети не се продаваат во регуларните продавници за сувенири, туку на подвижните штандови што само во одредени денови ги поставуваат трговците со дреболии. За среќа, или по нечија иницијатива, вчера тие не беа на своето „работно“ место, но може да се очекува викендов повторно да бидат таму, ни посочија редовните посетители на чаршијата. Но, затоа, случајно или не, во чаршијата беше видливо при­су­ството на припадници на по­ли-цијата, што наведува на по­ми-слата дека можеби се за­силуваат контролите и дека укажувањата го даваат први­чниот резултат.

 

Дел од магнетите кои ја вознемирија јавноста