Со поддршка од Планот за чист воздух, градинката „Пролет“ во Општина Карпош започнува да користи нов, еколошки систем на греење и ладење, преку користење термални пумпи кои работат на системот „воздух – вода“, известуваат од владината прес-служба.
Од таму додаваат дека со промената на системот на греење и напуштањето на нафтата, драстично ќе се намали нивото на ПМ10 честички во воздухот и емисијата на штетни гасови.
– Промената обезбедува замена на околу 16 тони нафта на годишно ниво со обновлив извор на енергија, што ќе значи 11 килограми помалку присуство на ПМ10 честички и намалена емисија на јаглерод диоксид во воздухот – се вели во владиното соопштение.
Заштедите на објектот ќе се движат од 55 – 65 отсто во однос на досегашниот систем на греење со нафта.
– Со ова ќе се овозможи и создаде топол и удобен престој на децата во текот на целиот ден, додека во летниот период истиот систем ќе се користи и за ладење, со што ќе се заштеди струја од системот на инвертори што сега се користат во просториите на градинката – објаснуваат од владата.
Додаваат дека Општина Карпош со поддршка од Планот за чист воздух, во вредност од 55.000 евра, го отстранила последниот потенцијален загадувач во урбаното јадро, имајќи предвид дека сите други градинки се приклучени на централниот систем на греење.