Користејќи ги поволните временски услови, Општина Карпош продолжува со целосна санација и реконструкција на објектот стар повеќе децении, во чии рамки функционира детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. Од неодамна беа поставени нови ПВЦ-прозорци и врати, а целосно беа реновирани и детските тоалети, се изврши санација на фекалната канализација и на санитетските јазли, а денеска се прават корекции на покривот.
– Од особена важност е тоа што оваа претшколска установа ќе добие и нова фасада, и целиот објект ќе биде енергетски ефикасен, односно значително ќе се подобрат звучната и топлотната изолација. За таа намена, стручните служби претходно ја отстранија старата дрвена фасада и лесонитните (канцерогени) табли, кои претставуваа сериозна закана за здравјето на дечињата и персоналот што престојуваат во градинката. Во моментов се работи на поставување на новата фасада, откако претходно надворешните ѕидови беа изолирани со термоизолација – (тервол) и заштитни водоотпорни табли – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека во просториите на градинката се одвиваат и тековните работи за одржување на внатрешноста на објектот.
– Вработените темелно ги чистат спалните соби и занималните, ги бојадисуваат инвентарот и столаријата, за потоа да се дезинфицираат детските креветчиња и душеците. Со други зборови, градинките во Карпош се подготвуваат и ги преземаат сите активности за безбеден прием на дечињата, доколку Министерството за труд и социјална политика и другите надлежни институции одлучат, под посебен режим, предучилишните установи наскоро да започнат со работа – велат од Општината.