Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку внатрешните простории се премногу разладени и температурата е пониска за повеќе од 10 Целзиусови степени од надворешната, тоа може многу неповолно да влијае врз човековото здравје, па дури да предизвика и колапсни состојби, за кои од Службата за итна медицинска помош велат дека веќе имале повеќе интервенции откако почна топлото време. Лекарите велат дека мора да се води сметка за климатизирањето на просториите и не може ако е надвор 40 Целзиусови степени, климатизерот да биде регулиран на 20 степени

КЛИМАТИЗИРАНИ ПРОСТОРИИ: ОД ПРИЈАТНО РАЗЛАДУВАЊЕ ДО ТОПЛОТЕН ШОК ЗА ЧОВЕЧКИОТ ОРГАНИЗАМ

Високите надворешни температури дефинитивно никому не му годат, па од горештините се бара спас во климатизираните простории. Но доколку се тие премногу разладени и внатрешната температура е пониска за повеќе од десет степени од надворешната, тоа многу неповолно може да влијае врз човековото здравје, па дури да предизвика и колапсни состојби, за кои од Службата за итна медицинска помош велат дека веќе имале интервенции откако почна топлото време. Лекарите велат дека мора да се води сметка за климатизирањето на просториите и не може ако е надвор 40 Целзиусови степени, климатизерот да биде нагоден на 20 степени.
Граѓаните реагираат и кај возачите од јавниот градски превоз за премногу разладените возила, коментирајќи дека не водат сметка и дека си угодуваат како ним им одговара, а не на патниците што влегуваат од надвор. Во премногу разладени простори граѓаните влегуваат во банки, во канцеларии на разни институции.. Во експозитурата на една од поголемите банки ги прашавме на која температура ја климатизираат просторијата, а вработената беше искрена и кажа дека климата ја нагодуваат како ним им одговара, на 21-22 Целзиусови степени, бидејќи работат во неа осум часа, но самата призна дека кога излегла да си купи појадок ѝ се слошило.
Нема правило институциите да препорачаат каква да биде внатрешната температура, но некои земји имаат препораки поради економски заштеди да биде температурата константна. Да речеме кога е над 35 степени, бидејќи ние немаме проблеми до 35 степени, навикнати сме на високи температури, затоа што на такво подрачје живееме, но над 35 и ние имаме проблеми, така што не би требало температурната разлика на климатизираните простории да биде поголема од 10 Целзиусови степени. Значи, ако температурата е 35 степени, ќе фатиме здив ако е уредот на 25 Целзиусови степени, не помалку. Излегувањето надвор е сепак разлика од 10 степени и не е малку.

Поентата е да нема прениски температури внатре, 21 или под 21, пријатна температура е 24-25 степени. Нема потреба за поладно, тоа е добра температура за работни простории. Сепак, во вакви услови не треба да одиме под 21 степен, туку да држиме 24-25 Целзиусови степени. Но половина час пред излегување на надворешна температура треба да се исклучи климата, а да може организмот да се приспособи – вели д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје.
И од Службата за итна медицинска помош потврдуваат дека поради драстичната разлика на температурите надвор и во климатизираните простории веќе имале интервенции кај пациенти што имале колапсни состојби.
Откога почна топлото време, меѓу другото, имаме и интервенции врз пациенти што се нашле во колапсни состојби поради неприспособени температурни разлики на климатизираните простории со надворешната температура. Препораката е таа температурна разлика да не биде преголема во климатизираната просторија, треба да не биде поголема од 10 Целзиусови степени од онаа надворешната. Ризично е влегувањето, но и излегувањето од климатизираните простории, кое може да доведе во една ваква непријатна состојба, бидејќи крвните садови тешко може да се приспособат на таквата нагла температурна промена, што, секако, зависи и од возраста и од здравствената состојба. Затоа и во автомобил кога ни работи климата треба да ја исклучиме десетина минути пред да стигнеме некаде, па малку да поседиме во автомобилот, а дури потоа да излеземе. Истото тоа важи и кога треба да излеземе од дома, да ја исклучиме климата некое време пред излегувањето за да се климатизираме и полесно ја прифати нашето тело надворешната температура. Ние не можеме да се мешаме во политиката на фирмите како ќе климатизираат, но можеби проблемот со разладувањето можат да го решаваат со чекалници за граѓаните, кои ќе бидат на температура од 30 Целзиусови степени, ако сакаат внатрешните простории да ги разладуваат на температура од 20 Целзиусови степени, а надвор има температура од 40 степени – вели д-р Милица Бубало, раководителка на Службата за итна медицинска помош.

Лекарите додаваат дека, сепак, според препораките, потребно е да се избегнува излегување во најтоплиот дел од денот од 10 до 17 часот, особено по 11 часот, ако граѓаните не мораат да излегуваат. Никако од 12 до 15 часот, кога температурите и УВ-индексот се највисоки. Тие советуваат граѓаните да се чуваат од непотребен ризик, бидејќи каква ќе им биде состојбата зависи од тоа колку време се изложени на сонце, дали имаат течност, дали се дехидрирани и слично.
Се случува палета на симптоми, топлотна исцрпеност може да се јави по долго време изложеност на топло. Системот не функционира затоа што температурата е повисока од човечкото тело и разладувањето не функционира како што треба, доаѓа до топлотни грчеви, кога мускулите почнуваат да треперат, а најтешко е ако се добие топлотен удар. Тоа е опасна работа, ако човекот не се внесе во темна просторија, може и да дехидрира, а ако не се реагира навреме, може да се случат многу потешки работи. Ние како здравствен систем одамна сме запознаени со овие работи, сите доктори го препознаваат топлото време како ризичен фактор, кои заболувања можат да се јават, промени на кожа, сончаница ако е директно изложен предниот дел на главата и затоа препорачуваме капи и очила, во најтоплиот дел од денот граѓаните да не излегуваат, освен само накратко, и да ги користат сенките под дрвјата, бидејќи тие имаат и влага. Старите велат „подобро да се спречи отколку да се лечи“ -додава д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје.