Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во 2018, 2019 и 2020 година, Град Скопје додели над десет илјади субвенции за граѓаните што купија велосипед. Како една од активностите предвидени со планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019 – 2021, Град Скопје спроведува кампања за промоција на велосипедскиот сообраќај, преку која ги потсетуваме граѓаните за придобивките од користењето на велосипедот како превозно и рекреативно средство. Кампањата се реализира под мотото „Вело е кога има сѐ – најздраво, најбрзо и најпаметно“, нагласуваат од Градот

ГРАД СКОПЈЕ СО ПРАВО ПОТТИКНУВА КОРИСТЕЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ И ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ

Градските власти водат сериозна битка со загадувањето на воздухот и поради тие причини, активно имплементираат разни мерки со кои ќе се поттикнат граѓаните да живеат еколошки, но и да се однесуваат така. За таа цел, изминатите неколку години се доделуваат субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети за граѓаните, но и за набавка на инвертер клима-уреди и чистење на оџаците на граѓаните што користат греење на дрва во своите домови.

ДЕСЕТ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ОДВОЕНИ ЗА СУБВЕНЦИИ

За мотивирање на граѓаните во претстојниот период, кога и температурите на времето растат, градските власти и оваа година ќе доделат субвенции за велосипеди и електрични тротинети.
На последната, 68. седница на Советот на Град Скопје, која се одржа минатата недела, беше изгласана предлог-одлуката за доделување субвенции за граѓаните за купување велосипеди и електрични тротинети годинава.
Максималниот износ за едно лица што може да го искористи за да купи електричен тротинет изнесува 30 проценти од вкупната вредност на тротинетот, но износот не смее да биде поголем од седум илјади денари.
За да добие субвенција едно лице, потребно е да покаже дека тротинетот е купен во земјава, со оригинална фискална сметка од оваа година. Плаќањето мора да е направено целосно, не на рати.
Субвенции ќе се доделуваат до исцрпување на наменетите финансиски средства, кои за оваа година изнесуваат еден милион и петстотини илјади денари.
За купување велосипед, пак, едно лице може да добие субвенција за набавка на велосипед од 50 проценти од вредноста на велосипедот, односно таа не може да биде поголема од три илјади денари.
И во овој случај потребно е лицето да достави доказ дека велосипедот е купен во земјава, со оригинална фискална сметка од оваа година. За оваа намена, градските власти обезбедија дури осум милиони и петстотини илјади денари, а субвенции ќе се даваат до исцрпувањето на финансиските средства.

ВЕЛО Е КОГА ИМА СЀ – НАЈЗДРАВО, НАЈБРЗО И НАЈПАМЕТНО

За промоција на велосипедизмот, кој не само што е здрав начин на патување туку е и еколошки, но и со овој начин на превоз многу побрзо може да се стигне до саканата дестинација, градските власти на повеќе локации во Скопје периодов поставија билборди за да ги поттикнат граѓаните да го користат токму овој начин на превоз како најздрав, најбрз и најпаметен превоз во градот.
– Град Скопје во континуитет работи на подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје, а годишно се градат над 15 километри нови или се реконструираат постојни велосипедски патеки. Како резултат на посветената работа, годинава ја надминавме должината од вкупно 100 километри велосипедски патеки во Скопје. Особено внимание се посветува и на ослободување на просторот на пешачките и на велосипедските патеки, преку поставување заштитни столпчиња. Дополнително, во голема акција, целосно се отстранети несоодветно поставените билборди и реклами од велосипедските патеки во Малиот ринг, со што се стимулира користењето на велосипедот – информираат од Градот.

Оттаму додаваат дека како една од мерките за стимулирање на користењето велосипед е доделувањето субвенции за граѓаните за купување велосипеди, што ќе се реализира и оваа година, а јавниот повик треба да се распише во наредниот период.
– Во 2018, 2019 и 2020 година, Град Скопје додели над десет илјади субвенции за граѓаните што купија велосипед. Како една од активностите предвидени со планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019 – 2021, Град Скопје спроведува кампања за промоција на велосипедскиот сообраќај, преку која ги потсетуваме граѓаните за придобивките од користењето на велосипедот како превозно и рекреативно средство. Кампањата се реализира под мотото „Вело е кога има сѐ – најздраво, најбрзо и најпаметно“ – нагласуваат од Градот.

[email protected]