Во летниот период неработни денови на жичницата се понеделник и секој последен вторник во месецот. Во работната недела на секој час го има автобусот со број 25, но, за жал, во понеделник нема автобус што оди до Средно Водно. Испаѓа дека понеделниците не се препорачливи за туристичка посета на Водно, иако планината, крстот и жичницата се рекламираат и се препорачуваат како главна туристичка атракција на градот
Во летниот период се забележува зголемено присуство на странските туристи во градот. Некои од нив сакаат да ги посетат познатите скопски атрактивни места, па често се одлучуваат да ја посетат парк-шумата Водно. При овие посети на Водно, туристите наидуваат на разни проблеми. Поради неможност за информирање, наидуваат на жичница што не работи или чекаат автобуси што не доаѓаат. Туристите не знаат дека нема автобуси во секое време и дека жичницата на Водно не работи секој ден. Наедно, исто така, не постојат натписи на англиски јазик од кои странските посетители ќе можат да добијат дополнителни информации.
Странските посетители што нѐ посетуваат очекуваат дека начинот на дејствување и информирање е сличен како во другите големи метрополи. Од тие причини тие често завршуваат чекајќи, што може да предизвика незадоволство и фрустрација, а прашање е дали еднаш разочаран турист повторно ќе се врати и ќе ве посети.
Една ваква необична случка ни раскажаа деновиве група млади средношколци, кои заминале да се рекреираат на Водно. При пристигнување на врвот на Водно тие забележале постар господин, кој чекал кај жичницата за да се спушти на Средно Водно. Со оглед на тоа што момчињата знаеле дека во тој период во понеделниците жичницата не работи, веднаш сфатиле дека станува збор за странец.
– Учтиво му пристапив на господинот и на англиски му се обратив. Го прашав што прави тука. Тој ми одговори дека чека да дојде кабина од жичницата. Јас му кажав дека тој ден жичницата не работи и продолживме со моите пријатели да се спуштаме на Средно Водно – вели младото момче.
Понатаму младото момче, со групата пријатели, продолжило да се спушта од врвот кон Средно Водно. Но кога пристигнале на Средно Водно, тие повторно го виделе постариот господин, кој се спуштил во исто време со нив. Овој пат седнал да чека на автобуската станица. Со него почнале и тие да го чекаат автобусот. Почекале дваесетина минути, но автобус не дошол.
– Јас и другарите со намера да дознаеме дали ќе дојде автобус се јавивме неколкупати во ЈСП. Но нашите обиди завршија неуспешно. Кога и да се јавевме поголемиот дел од телефонскиот повик беше чекање системот да нѐ поврзе со оператор. Тоа не се случи, затоа прекинавме со обидите и му кажавме на постариот господин дека ќе продолжиме да се спуштаме со другарите. Овој пат тој дојде со нас, но беше видлива разочараноста на неговото лице. Изгледа овде ништо не работи во понеделниците, само кратко прокоментира странецот – вели момчето.
Туристот, заедно со групата, се спуштал по патеките низ Водно. Тој при спуштањето споделил дека потекнува од Германија. Со неговите 78 години досега посетил 78 земји. По Скопје следна дестинација му била градот Охрид. Исто така, им кажал дека жали и дека е разочаран што не забележал никакви информативни бироа или истакнати знаци со информации на англиски јазик како во други градски метрополи. Од друга страна, му било чудно како се промовира пред странците да одат на Водно, а нема како да стигнат или да се спуштат доколку се изморени.
За да дознаеме нешто повеќе се обративме за одговор. Од градот Скопје велат дека жичницата на Водно работи со посебен возен ред во летниот период. Возниот ред е достапен на специјалната веб-страница zicnica.jsp.com.mk/работно-време/.
На страницата може да се забележи дека во летниот период неработни денови на жичницата се понеделник и секој последен вторник во месецот. Од ЈСП велат дека до Средно Водно сообраќаат автобусите со број 25, 25А и 25Б. Според распоредот на сообраќање во денови на празници и викенди, еден од трите автобуси го има на секој 15 или 20 минути. Во работната недела на секој час го има автобусот со број 25, но, за жал, во понеделник нема автобус што оди до Средно Водно.
– Линијата 25 не сообраќа само во понеделник, а линиите 25А и 25Б сообраќаат само во сабота, недела и на државен празник. Користењето на сите линии во сабота, недела и на државен празник е бесплатно – велат од ЈСП.
Можеби навистина е потребно да се постават инфобироа и знаци со натписи на англиски јазик за да можат странските туристи подобро да се информираат.