Долгата реконструкција на патот кон Косово им здодеа и на фирмите
Педесетина менаџери и сопственици на компании излегоа на протест револтирани поради предолгиот период на реконструкција на мостот на Јадранската магистрала, при што се создаваат голем сообраќаен метеж и долги застои. Крајниот рок за завршување на работите е 2 јули
Долгата реконструкција што веќе со месеци се изведува на Јадранската магистрала, клучната сообраќајница за влез и излез во индустриската зона Визбегово, па и од градов, вчера ги крена на нозе стопанствениците од тој дел на општината Бутел. Педесетина менаџери и сопственици на компании, како дел од Здружението на компании од Визбегово, вчера излегоа на протест револтирани поради предолгиот период на реконструкција на мостот на реката Серава. Застанувајќи на патот, тие го искажаа своето незадоволство, бидејќи со месеци се заглавени во колоните возила што секојдневно се создаваат на тој потег. И не само стопанствениците, само во едната функционална лента од Јадранската магистрала секојдневно заглавуваат и другите возачи, за чии реакции „Нова Македонија“ веќе пишуваше.
Стопанствениците од Визбегово велат дека ваквиот зафат ја блокира целата зона, го отежнува целото движење и го уназадува комплетно работењето. Протестот се одржа на потегот од Словенечка, во правец кон Скопје, до крстосницата Момин Поток, каде што се врши реконструкцијата на мостот. Веќе два месеци сликата е непроменета, како што напишавме, колони возила, нервозни возачи и сообраќаен метеж, во кој граѓаните се заглавени и тешко можат да излезат. Сите губат драгоцено време, а за оние од индустриската зона на овој дел од Скопје, времето е и пари, бидејќи преку оваа сообраќајница се патува и кон излезот од земјава за влез во Косово и обратно. Брзиот транспорт е особено важен за сите оние што се занимаваат со некаков бизнис, но, секако, уште поважно е во случајов да заврши што поскоро реконструкцијата, која им го комплицира животот на граѓаните и на стопанствениците од индустрискиот дел на општината Бутел.
– Со излегувањето на протест сакавме да го искажеме нашето незадоволство од предолгата реконструкција на мостот. Не се работи ефективно и токму тоа е причината што реконструкцијата трае предолго. А во индустриската зона на Визбегово функционираат 300 компании и има над пет илјади вработени. Некои, како што се дистрибутивните компании, имаат потреба да излегуваат со возила по неколкупати во денот, а во сообраќајните колони заглавуваат и по половина час, а тоа е огромна загуба. Ова веќе е неподносливо и токму затоа излеговме на протест, велат од Здружението на компании од индустриската зона Визбегово.
Од градот Скопје пристигна реакција на вчерашниот протест на Здружението на компании од Визбегово, во која градот апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат разбирање додека траат градежните работи за реконструкција на дилатациските фуги на мостот на реката Серава, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.Санацијата на мостот се изведува во летните месеци, поради очекуваната помала фреквенција на возила, а поради природата на работите и градежните материјали што се употребуваат сообраќајот на оваа делница се одвива отежнато. Последната реконструкција на дилатациските фуги на мостот на реката Серава била направена во 2006 година.
– Екипите на градот Скопје ја почнаа реконструкцијата за да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, односно да не настане поголемо оштетување на конструктивните елементи на мостовската конструкција, имајќи предвид дека дилатациските фуги на овој мост подолго време беа оштетени. Важно е да се напомене и дека мостот на реката Серава е на сообраќајница што а е оптоварена со патен сообраќај и е врска со магистралниот пат кон Република Косово, односно е делница по која минуваат тешки товарни возила, поради што мостот претрпува дополнително оптоварување. На мостот се изведува бетонирање со МБ-40 и поставување арматура со високи карактеристики, за што е потребно време за таканаречено „созревање“ на бетонот, односно постигнување на неговата цврстина – се вели во реакцијата на градот.
Оттаму појаснуваат дека тој процес, според важечките прописи и стандарди, трае 28 дена, додека бетонот не ја достигне бараната цврстина. Реконструкцијата на овој мост е планирано да се изврши во рок од 60 дена. Рокот на изведба на оваа реконструкција во согласност со договорот и проектната документација е до 2 јули годинава, нагласуваат градските власти.