Во центарот на Скопје, наспроти седиштето на Тутунска банка, се појавија вертикални бетонски плочи со уметнички изрази. Домашните стрит-артисти, помогнати од Младинскиот културен центар, им дадоа нов дух на старите и заборавени бетонски постаменти, кои можеби пред сѐ треба да им бидат пречка на оние кои најмногу сакаат да паркираат по тротоари. Истовремено, тие се и своевиден украс, бидејќи стрит-артистите на нив ги имаат разлеано своите уметнички инспирации кои навистина го покажуваат Скопје во несекојдневно и креативно издание.
Бетонските вертикални плочи низ годините вообичаено служеа како подлога за лепење на плакати, постери и огласи. Сега имаат друга улога, тие го прават градот пошарен, го привлекуваат вниманието на случајните минувачи и го обојуваат секојдневието. Ваквите идеи се добредојдени и треба да продолжат, затоа што на градот му е потребно да се покаже во едно позитивно и креативно издание. Но покрај креативниот израз на уметниците, може да се забележи и некултурата на граѓаните, кои покрај нив ги поставиле своите автомобили. Можеби примарната цел на бетонските постаменти е да изнудат насмевка на минувачите, а другата, секако, е да го оневозможи паркирањето на автомобилите на тротоарите, која очигледно не е постигната.