Средното стручно училиште „Михајло Пупин“ од Автокоманда за патрониот празник ја доби првата фотоволтаична централа. За реализација на овој проект учениците од „Михајло Пупин“ добија грант од Фондот за иновации, во висина од 270.000 денари, а преостанатите средства до 600.000 денари, колку што чини централата, се од буџетот на училиштето. Како што кажа Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје, идејата на учениците, поддржана од Фондот за иновации и од директорот на средното училиште, како и од градот Скопје, претставува проект што дава квалитет и иновативност.
– Овој проект е доказ дека соработката на институциите на секое ниво може да даде сериозен квалитет и иновативност. Ова средно училиште, иако со мала моќност од 12 KW и 42 панели, сепак може да биде пионер и да воведе една мини-револуција во пристапот и кон животната средина, меѓутоа и во пристапот кон енергетската ефикасност – рече Шилегов.
Тој додаде дека електричната енергија од обновливите извори треба да биде стратегиска определба на нашата држава и посочи дека ова училиште треба да биде пример и за другите училишта и јавни институции на сите нивоа во земјата.