Според последните истражувања и анализи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ загубата на вода во Град Скопје изнесува околу 50 отсто. За да се спречи или намали загубата на вода ангажирана е израелската компанијата „Јутилис“ за сателитско снимање и мапирање на сите дефекти во главниот град. Досега се откриени 237 дефекти невидливи за голо око кои во наредниот период ќе бидат санирани од службите на ЈП „Водовод и канализација“.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тој соопшти дека дел од оваа загуба е реална и се однесува на наводнување на зелените површини, чистењето на улиците, јавните хидранти и чешмите кои се поставени.
– Оној дел кој нас не загрижува е проблемот во цевководниот систем, односно проблеми кои не се видливо за голо око, а кои реално претставвуваат техничка загуба на вода. За таа цел пред еден месец ние склучивме договор со израелската компанијата „Јутилис“ која е специјализирана за сателитско снимање и мапирање на сите дефекти во Град Скопје. Првата фаза од работите е завршена и веќе досега се најдени 237 дефекти невидливи за голо око кои во наредниот период ќе бидат санирани од службите на ЈП „Водовод и канализација“, рече Весковски.
Со тоа, како што рече, не само што ги намалуваме оперативните трошоци на јавното претпријатие, туку и го подобруваме водоснабдувањето на жителите на Град Скопје. Додаде дека планираат во наредните години загубата на вода од 50 да се сведе на 20-25 отсто.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов посочи дека нашиот град е единствен во регионот и меѓу ретките во Европа каде е извршено сателитско снимање на водоводниот систем.
Посочи дека снимањата траеле две недели и предноста на овој систем, како што рече, е што ќе може на време да се детектираат и веќе се детектирани истекувањата на вода со помпш на сателитет. Ќе следи фаза на целосно мапирање и потоа теренски интервенции на системот со што се скратува времето за интервенции и се спречуваат евентуалнио посериозни дефекти на водоводниот систем.
Шилегов најави дека со решението на „Паметен град“, кое се очекува наредниот период да влезе во тендерска постапка, предвидено е да се инсталираат т.н. паметни водомери во сите средни училишта, во музеите, во сите јавни претпријатија… На овој начин ќе се овозможи почеток на дигитализација на водоводниот систем во градот.
Основачот и главен технички директор на „Јутилис“ Лорен Гај соопшти дека компанијата е основана пред пет години со единствена цел – пронаоѓање на загубата на вода во водоводните системи без воопшто да се стапне на земјата каде се врши истражувањето. Досега вршеле истражување во 27 држави и провериле повеќе од 200.000 километри водоводни цевки и нашле загуба на вода. Користат сателитска технологија која има можност да гледа низ почвата и специфично да ја изолира водата која била третирана во однос на другите видови вода.
Ваков тип на сателитско снимање за загуби на вода првпат се спроведува во Република Македонија. Снимањето е поделено во две фази, првата фаза чини 2,5 милини денари, а втората 3,5 милиони денари. Втората фаза треба да заврши за околу еден ипол месец.