Претседателот на Владата, Зоран Заев, изврши увид во градежните работи за реконструкција на една од најпознатите сообраќајници во Скопје – булеварот Никола Карев, познат како Пластичарска улица, која поврзува четири општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош.
Премиерот истакна дека продолжуваат интензивните градежни работи за реконструкција на голем број булевари, улици и главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини и додаде дека примерот на Град Скопје е поттик и за другите општини во државата целосно да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните за изградба и за одржување на модерни сообраќајни решенија за одржлива урбана мобилност, и за поголема ефикасност на градскиот сообраќај.
– Овој булевар дневно го користат десетици илјади возила, а овој потег особено е значаен поради огромниот број стопански субјекти со огромна фреквенција на граѓани како потрошувачи или како деловни соработници и добавувачи на компаниите што тука имаат продажни и други објекти. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени 1.400 метри, на потегот од клучката кај Бит-пазар до касарната Илинден – рече премиерот Заев.
Тој дополни дека булеварот „Никола Карев“ истовремено е врската на источната и западната порта на Скопје. Тоа, како што рече Заев, ја прави уште позначајна оваа градска сообраќајница од посебен интерес на граѓаните на главниот град, како и на граѓаните од Републиката кои во огромен број го користат овој булевар.
– Кога ќе биде завршена реконструкцијата, булеварот ќе добие 4 коловозни ленти со полна функционалност, велосипедски патеки во двете насоки и тротоари за пешаци. Проектирана е и нова атмосферска канализациска и водоводна инфраструктура, како и ново осветлување и значајното зеленило – истакна премиерот Заев.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, истакна дека првата фаза од проширување на булеварот Никола Карев го опфаќа делот од клучката кај Бит-пазар до касарна Илинден и целосно ќе биде изведена непостоечка атмосферска канализација, реконструкција на подземните инсталации, со што ќе се добие современа сообраќајница и апелираше до граѓаните за трпение додека траат градежните работи.