Новиот проект „Паметен град“ предвидува Скопје да го направи модерна престолнина, велат од градот Скопје. Во концептите на создавање еден паметен град, основен двигател се напредните информатички технологии. Тоа се систематски собирани корисни информации, организирани во функционален систем што ќе го поедностави секојдневниот живот на граѓаните.
– Работиме на воспоставување концепт централен комунален сервис, кој има цел да им овозможи на граѓаните простор, каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение. Тоа вклучува функционални повикувачки центри, мобилни и веб-апликации што ќе овозможуваат редовни известувања за информации од комуналната сфера, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција „Смарт ситис – градови на иднината“, која се одржа во организација на италијанската амбасада.
Целта на проектот е да обезбеди модерно управување со паркинг-местата во надлежност на градот, дигитализација на градските паркинг-места, со централизиран систем на мониторинг и наплата, кои ќе ја зголемат ефикасноста на услугите за граѓаните, што е еден од клучните предуслови за тоа.
– Она што сакам на крајот да го постигнеме е можноста секој граѓанин преку корисничка апликација да има увид на слободните паркинг-места, во реално време. Со тоа ќе го олесниме барањето слободно паркинг-место, така што директно влијаеме за заштеда на времето и на ресурсите на граѓаните – нагласи Шилегов.
Како што посочи, очекува паметното осветлување на јавните градски површини, од друга страна, да резултира со огромни заштеди на трошоците за електрична енергија, која ќе ги намали ставките за јавно осветлување.