Со изложби, перформанси, музика и многу други активности, градот ќе ја одбележи 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Планирани се дваесетина културни настани на неколку локации. Одбележувањето на јубилејот ќе започне на 23 јули, со почеток во 20 часот, со манифестацијата за враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз-Тито на источната страна на Музејот на градот Скопје, а настанот ќе започне од 20 часот.
На 26 јули, со почеток во 5.17 часот, времето кога се случил земјотресот во 1963 година, со аудиоакција на пет различни локации низ градот, во организација на група урбани уметнички акции и Центарот за современи уметности, граѓаните ќе бидат потсетени на трагичниот настан. Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање акцијаши на територијата на општината Гази Баба ќе организира работни акции и богата едукативна културна програма во акцијашкиот камп во студентскиот дом „Стив Наумов“.
– Пораката што долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес и беше препознатлив нераскинлив дел од музејот и градското јадро, повторно ќе се врати на своето место. Овој настан, симболично наречен „Солидарноста се враќа дома“, ќе биде проследен со активности во Музејот на градот Скопје.
„Зборува Скопје“ во четири дена ќе ги обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓанскиот активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата, соопштуваат од градот.
Музејот на градот Скопје, Графити-галеријата во ГТЦ, КИЦ, Музејот на современата уметност, платото пред МКЦ, ќе бидат местата на кои ќе се случуваат интересни настани.
„Тивка реконструкција на земјотресот“, перформанс на Билјана Радиноска, и „Сонува Скопје“, краткометражен филмски колаж на Дина Дума, се дела на млади уметници што ќе бидат дел од централниот настан на 25 јули, кој ќе се одржи во Графити-галеријата во ГТЦ.
Потоа ќе следува концертот „Разговор со смисла“ на „Мамут и Јахем“, настап во живо на Тодор Караколев и затворен џем-сешн со музичари од новата скопска сцена.
Од градот велат дека, освен визуелно изненадување за посетителите, со овие настани ќе се обидат да ја истакнат и архитектонската важност на ГТЦ за градот Скопје и да го вратат урбаниот дух во централното градско подрачје.
Организацијата на жените на градот Скопје ќе ja одбележи 55-годишнината со поетско читање. Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција, а организациски одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.