Според Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина, ако сакаме да ја намалиме емисијата на стакленички гасови во согласност со Парискиот договор и барањата од климатските самити, ќе мора да се справиме и со пластичните ќеси
Европскиот парламент годинава со големо мнозинство ја изгласа резолуцијата за забрана на пластични производи за еднократна употреба. Овој договор има за цел новата регулатива да се имплементира кај земјите-членки на Европската Унија до 2021 година. Токму поради тоа дел од европските, но и другите земји во светот преземаат активности за да го намалат нивниот придонес кон загадувањето. Прва цел за елиминација од повеќето видови еднократна пластика им се пластичните ќеси. Експертите по екологија велат дека нивниот процес на производство е штетен за животната средина и останува токсичен за околината откако тие ќе се фрлат.
Германија е првата земја од ЕУ што воведе забрана за користење на пластичните ќеси, а наедно воведува закон со кој ќе ги забрани производите од пластика за еднократна употреба до 2021 година. Кон овој чекор се придружи и Србија, поточно Белград, кој од први јануари следната година ќе воведе забрана за пластичните ќеси. Ќе фатиме ли приклучок и ние, ако започнеме отсега да работиме на овој план?
Првични активности започнаа со екокампања за укинување на пластичните ќеси преку синџир дрогерии кај нас. Тие првично и официјално ги укинаа пластичните ќеси и нема повеќе да им ги делат на своите потрошувачи. Наместо најлонски ќеси, тие ќе им нудат алтернативни еколошки решенија за пакување на купените производи. Со овој глобален тренд што се случува, се поставува прашањето дали овој еколошки бран ќе помине и ќе измени нешто кај нас или само ќе нѐ измине?
Заменик-министерот за екологија Јани Макрадули изрази надеж дека повеќе компании и кај нас ќе го следат примерот на веледрогериите, кои први почнаа кампања за забрана за употреба на најлонските ќеси. Останува да видиме дали на ваквиот потег ќе се придружат и други фирми. За поголема ефикасност во битката за спас од најлонските ќеси и пластичните производи веројатно многу повеќе ќе треба да се вклучи и власта, можеби и со наоѓање на законско решение кое ќе ни овозможи поздрава животна средина.
Парискиот договор за климатски промени предвидува справување со сите извори на загадување, тоа значи и справувањето со еднократната пластика, изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на екокампањата за укинување на пластичните ќеси.
– За жал, во Македонија во процесот на стакленичките гасови отпадот е на второ место. Ако сакаме да ја намалиме емисијата на стакленички гасови во согласност со Парискиот договор и барањата од климатските самити, ќе мора да се справиме и со пластичните ќеси – вели Макрадули.
Глобалниот извештај за климата од 2015 до 2019 г. покажува дека концентрацијата на јаглерод диоксид и метан-гасовите достигнува рекордни нивоа во последните пет години. Зголеменото присуство на јаглерод диоксид во светот, според повеќето истражувања, е поради создавањето големи количества отпад. Исто така, според извештај на Светската метеоролошка организација, овој период претставува најжешкиот период во историјата на мерења на Земјата. Знаците и влијанијата од климатските промени, како што се покачувањето на нивото на морето, топењето на мразот и екстремните временски неприлики, се зголемиле во периодот од 2015 до 2019 година. Многу истражувања, вклучувајќи ги и оние од Светската здравствена организација, укажуваат дека храната што ја јадеме и водата што ја пиеме содржат микропластика, речиси 90 проценти од светската популација дише загаден воздух. Овие податоци се загрижувачки и од еколошките здруженија апелираат дека треба да се преземат посериозни мерки.
Според експертите за екологија, пластиката не е биоразградлива. Пластичните ќеси, кои се изработени од полиетилен, предизвикуваат загадување цел живот – од производство до отстранување. Нивниот процес на производство е штетен за животната средина и останува токсичен за околината откако тие ќе се фрлат.
– Пластиката во природата не се разградува туку само се распаѓа на помали парчиња, кои потешко се забележуваат. Поради илјадниците „биоразградливи“ ќеси што се користат, депониите се еден од најголемите загадувачи на воздухот и почвата. Затоа мора да се размислува за рециклирање на пластиката, а не за производство на нова – велат од „Екосвест“.
Земјите од ЕУ се договорија да забранат пластика за еднократна употреба. Новите европски регулативи предвидуваат забрани на производите од пластика за еднократна употреба до 2021 година. Канадскиот премиер Џастин Трудо, инспириран директно од оваа иницијатива, најави слична забрана на пластика за еднократна употреба како и забраната за пластични шишиња за вода во неговата земја.