Градот Скопје започна да го користи беспилотното летало и да го практикува 3Д-мапирањето на критичните точки што го загадуваат воздухот во градот. Најпрвин беше мапирана депонијата „Вардариште“ како една од најкритичните локации од кои се загадува воздухот. Мапирањето како една од мерките на градот ќе продолжи и на други локации.
– Жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар. Мерните станици покажуваат најголема концентрација на ПМ10 честички токму во овие делови од градот. Сега, со 3Д-мапирањето на „Вардариште“ ќе се добие целосна слика на опфатот на депонијата, односно во кои делови се пали отпад, особено ако тие делови се наоѓаат на приватни имоти. Инспекторатот на градот Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите. Убедени сме дека со вакви акции ќе ги елиминираме причинителите на загадувањето, еден по еден – вели портпаролот на градот Скопје, Ваљон Салиху.
Тој додава дека минатиот месец инспекторатот изрекол двојно повеќе казни во однос на октомври 2017 година. Исто така информира дека сите инсталации што подлежат на Б-интегрирана еколошка дозвола се проверени и редовно доставуваат мерења со кои се задолжени во самата дозвола. Упати апел до сите граѓани огновите на отворено да ги пријавуваат на телефонскиот број 193, а не на социјалните мрежи.
Раководителот на секторот Инспекторат на градот Скопје, Мирослав Богдановски, вели дека „Вардариште“ е една од црните точки во градот што во изминатиов период биле предмет на инспекција и каде што се откриени поголем број прекршители.
– На оваа локација е забележано палење кабел и друг кабаст отпад. Со ова 3Д-мапирање точно ќе ги лоцираме местата каде што се случува тоа – рече Богдановски.