„Добри градски практики“ е насловена првата презентација во Скопје, на која беа изложени резултатите и успехот на иновативната социјална платформа „СинАтина“. Оваа акција е дел од РОЦК-проектот, кој е финансиран од Европската Унија во рамките на програмата „Хоризонт 2020“. Презентацијата се одржа вчера, во организација на „Лабораторијата за урбано живеење – Скопје“, градот Скопје и Архитектонскиот факултет од Скопје при УКИМ.
Дигиталната платформа „СинАтина“ прави мапирање на групите и на активностите во градот, а веб-страницата на „СинАтина“ нуди онлајн-алатки, кои ги поврзуваат активностите на граѓаните со сите други заинтересирани страни, како спонзори, волонтери, бизнис-заедници и центри на знаење, кои можат да понудат поддршка. Со тоа, платформата врши евалуација на активностите на граѓаните и ги препознава најдобрите практики. „СинАтина“ има цел континуирано да ја информира градската администрација за приоритетите на граѓаните преку поддршката на нивните активности.
Градот Атина прави мост за комуникација помеѓу граѓанските групи и локалната власт.
Целта на оваа платформа е различните активности да бидат идентификувани, споделени и промовирани. Таа е заеднички простор што ги обединува граѓанските групи и иницијативите за подобрување на квалитетот на животот во градот, преку кој граѓаните и групите поднесуваат идеи со социјално влијание.
„СинАтина“ е еден од петте европски добитници на наградата на „Блумберг“ за избор на градоначалнички предизвик и доби голема финансиска поддршка.