Општина Центар почнува со имплементирање на новите сообраќајни решенија на повеќе локации во општината. Во тек е изведбата на три издигнати пешачки платоа за смирување на сообраќајот што се одвива во зона на детските градинки и општинските основни училишта.
Трите издигнати пешачки платоа се изведуваат на улиците Никола Тримпаре, Апостол Гусларот и 9 Мај, во непосредна близина на општинското основно училиште „Јохан Хајнрих-Песталоци“, матичниот објект на градинката „13 Ноември“ и клонот „Наум Наумовски-Борче“ на градинката „Кочо Рацин“.
– Покрај овие три, дополнително ќе бидат изведени уште шест пешачки платоа, со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците и на децата што престојуваат во градинките и посетуваат настава во основните училишта. Покрај изведбата на деветте платоа, Општина Центар на локациите ќе постави нова вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација – информираат од Општина Центар.
Оттаму додаваат дека овие зафати се изведуваат со целосна сообраќајна проектна документација, одобрена од СВР – Скопје и Град Скопје, како надлежни институции за оваа проблематика.
Изведбата на пешачките платоа ќе биде готова до крајот на оваа година, а поради градежните зафати ќе се изврши и привремена измена на сообраќајот.
– Апелираме до граѓаните за трпение и разбирање во периодот додека траат градежните работи, за ефикасност на изведбата и поскоро пуштање во употреба на издигнатите пешачки платоа. Покрај ова, Општина Центар сака да го најави и новото сообраќајно решение за делот околу трговскиот центар „Буњаковец“.
Поради оштетувањата на знаците, по десет години, во реонот на ТЦ „Буњаковец“ ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација – велат од општината.
Надлежните нагласуваат дека со поставувањето на новиот сообраќаен режим ќе им се олесни движењето на сите учесници во сообраќајот во овој дел од Центар, ќе се подобри ориентацијата и ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите и на корисниците на алтернативните видови на сообраќај.