Жителите на Скопје покажаа огромен интерес за акцијата и уште при првиот ден беа преполнети речиси сите 40 поставени садови, додека за времетраењето на целата акција нашите екипи реализираа 130 тури за собирање и транспорт на отпадот. Очекуваме дека оваа акција значително ќе придонесе за намалување на бројот на диви депонии на територијата на градот, истакна директорот на комуналното претпријатие, Абдусамед Шабани

Пишувањето и алармирањето за отпадот во Скопје никогаш нема да биде излишна тема, со оглед на тоа дека граѓаните постојано „инвентивно“ се ослободуваат од ѓубрето од дома, буквално на која и да посакаат локација.
Онаму каде што тоа е забрането, отпадоците се исфрлаат наголемо, и тоа со камиони се истовараат градежен шут и кабаст отпад, онаму каде што има поставено контејнери, речиси редовна слика е фрлањето на ќесите со ѓубре околу нив, а реките ни се место каде што најчесто ги паркираме автомобилите за да ги измиеме.
И покрај многубројните апели на надлежните, но и пишувањето на медиумите, свеста никако да проработи кај населението. Ѓубре сѐ уште има насекаде, иако во некои општини, за волја на вистината, подобрени се хигиената и културата по ова прашање. За жал, во некои општини тоа не е случај и сликата останува секогаш иста. На крајот на денот, ѓубрето им останува на комуналците, а со несовесноста легнуваат да спијат оние што непрописно го фрлиле отпадот, па макар и да станува збор само за едно догорче од цигара.

РЕДОВНИ АКЦИИ ЗА СОБИРАЊЕ КАБАСТ ОТПАД

Месецов, во период од пет дена, од 18 до 22 мај, вработените од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во сите општини поставуваа контејнери за кабаст отпад од домаќинствата. За целиот тој период се собрани неверојатни 650 кубни метри отпад.
– Во рамките на акцијата за собирање кабаст отпад граѓаните исфрлиле вкупно 650 кубни метри отпад, составен претежно од стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди. За празнење на поставените садови, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ангажира 20 работници на терен, со употреба на три специјални комунални возила – самоподигнувачи и две возила наменети за собирање кабаст отпад-патарки – информираа од претпријатието.
Според директорот на комуналното претпријатие, Абдусамед Шабани, граѓаните покажале огромен интерес за акцијата.
– Жителите на Скопје покажаа огромен интерес за акцијата и уште при првиот ден беа преполнети речиси сите 40 поставени садови, додека за времетраењето на целата акција нашите екипи реализираа 130 тури за собирање и транспорт на отпадот. Очекуваме дека оваа акција значително ќе придонесе за намалување на бројот на диви депонии на територијата на градот – истакна тој.
За време на акцијата беа поставени специјални садови, во кои освен стар мебел, жителите на Скопје можеа да го фрлат и отпадот од електричната и електронската опрема.
– Законот за јавна чистота на РМ забранува кабастиот отпад да се фрла на јавни површини, а неговото несовесно исфрлање резултира со создавање диви депонии. Од овие причини одлучивме на жителите на градот Скопје да им понудиме можност својот кабаст отпад да го фрлат во специјални садови што ќе бидат поставени во непосредна близина на нивните домови – потенцира Шабани.

ГОЛЕМ Е ПРОБЛЕМОТ СО ЃУБРЕТО

Сепак, граѓаните, и покрај поставените контејнери, но и многубројните акции за собирање кабаст отпад, никако да научат каде и како да го фрлаат отпадот што го произведуваат.
Околу многубројните контејнери што комуналците ги имаат поставено во градот, на граѓаните, сепак, најлесно им е своите ќесиња со ѓубре да ги фрлат до садовите за отпад, наместо во нив.
Слично е и со подземните контејнери, околу кои честопати може да се видат ѓубре и пластични и стаклени шишиња.
Во населбата Железара, каде што има неколку подземни контејнери, сепак, граѓаните ѓубрето го фрлаат околу нив. Некои од жителите велат дека, и покрај тоа што изобилуваат со зеленило, дрвја и паркови, ситуацијата со ѓубрето им претставува огромен проблем, бидејќи при малку посилен ветер, тоа се разлетува насекаде, а и кучињата и мачите го разнесуваат насекаде.
– Не знам каде е проблемот. Во оваа населба нѐ има од сите генерации, а имаме и многу мали дечиња што си играат. Најтрагично е за нив, бидејќи тие играат во ѓубре. Наместо да ги научиме каде се фрлаат отпадоците, ние возрасните им даваме лош пример, со тоа што самите си го загадуваме местото каде што секојдневно поминуваме најмногу време. Сега, кога е веќе стоплено времето, децата, па и ние возрасните сме постојано надвор, а ѓубрето околу контејнерите само нѐ предупредува дека меѓу нас има и такви на кои воопшто не им е грижа за околината во која живееме – вели Петар Г., жител на Железара.
Од „Комунална хигиена“ велат дека секојдневно се соочуваат со фрлање отпадоци околу садовите за отпад.
– Имајќи предвид дека контејнерите од страна на екипите на „Комунална хигиена“ се празнат седум пати во неделата, оваа појава не претставува резултат на преполнетоста на садовите, односно се забележува и тогаш кога садовите се сосема празни – информираат оттаму.
Оттаму додаваат дека во моментов имаат поставено вкупно 112 подземни контејнери во Скопје, лоцирани во скопските општини Центар, Чаир, Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода.
-Засега не е во план поставување нови подземни контејнери, од причина што финансирањето на овој проект се одвиваше трипартитно, при што третина од средствата ги презеде Град Скопје, третина ЈП „Комунална хигиена“-Скопје (ЈПКХС) и третина општините. Засега нема најава дека се планираат средства кај Градот и општините за продолжување на овој проект – велат од комуналното претпријатие.

[email protected]