Душко Весковски најави проект за колосално унапредување на квалитетот на живеење и на животната средина
Почна постапката за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје од страна на „Водовод и канализација“.
Скопје се очекува да ја добие пречистителната станица во вредност од 136 милиони евра до 2025 година. На тој начин трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар.
– Компаниите кои ги исполнуваат техничките квалификации ќе учествуваат на јавно наддавање, со што наесен очекуваме дека ќе го имаме изведувачот и ќе се почне со градежни работи за реализација на овој капитален проект за Скопје. Со овој проект уште еднаш ги потврдуваме заложбите за унапредување на условите за живот на граѓаните, како и инвестирањето во висококвалитетна животна средина – категоричен е директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски.
Јавното претпријатие утре ќе ја објави поканата за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројката. Заинтересираните компании ќе можат да аплицираат на повикот до 17 август.
Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој обезбедија средства за проектот во висина од 136,73 милиони евра.