Скопје е првиот град од државава што се приклучува на мрежата на зелените градови на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ја почнува изработката на Акцискиот план на зелен град. Ова денеска го истакнаа учесниците на воведниот состанок и работилницата за имплементацијата на едногодишниот проект за поддршка на развојот на Акцискиот план „Скопје зелен град“ (Skopje Green City Action Plan – GCAP).
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов информира дека Град Скопје и ЕБОР почнуваат со изработка на Акцискиот план „Скопје зелен град“. Акцискиот план, како што рече, треба да му помогне на Град Скопје да ги идентификува и адресира предизвиците за животната средина – цврстиот отпад и рециклирањето, централното греење, третманот на отпадни води и урбаниот транспорт со цел да се намали локалното загадување, да се подобри енергетската ефикасност и ефикасноста на ресурсите, како и адаптација на климатските промени.
Најави дека Акцискиот план ќе се изработува околу 13 месеци пред да се разгледа и усвои на седница на Советот на Град Скопје. Клучни сектори што ќе бидат опфатени од овој Акциски план се сообраќајот, градежните објекти, индустријата, енергијата, водата, цврстиот отпад и употребата на земјиштето.
– Наша крајна цел е да се изработи Акциски план на Град Скопје за зелен град што ќе биде усвоен од Советот и за тоа ги користиме услугите на Европската банка за обнова и развој и консултаните кои ги има. Еден проект веќе заеднички го работиме, тоа е набавката на автобуси на природен гас во висина од 10 милиони евра. Од овој Акциски план треба да ни произлезат мерките што Градот ќе ги презема како политики во наредните пет до десет години – изјави Шилегов. Додаде дека важно е на крај да добиеме документ и креирање политики што ќе овозможат да живееме во поздрава животна средина од онаа со која се соочуваме во последната деценија.
На воведниот состанок и работилницата за имлиментацијата на едногодишниот проект за поддршка на развојот на Акцискиот план „Скопје зелен град“ (Skopje Green City Action Plan – GCAP) присуствуваат претставници од општините, бизнис секторот, невладиниот сектор, од повеќе институции, консултанти… Во текот на денот предвидена е и прва работилница со сите засегнати страни вклучени во проектот.
Сузан Горансон, директорка за инфраструктура за Европа, Групација за одржлива инфраструктура при ЕБОР соопшти дека нивната цел е да финансираат до 100 зелени градови и да се осврнат на предизвиците со климатските промени.
ЕБОР ќе соработува со Град Скопје и со претставниците на општинските институции на овој проект со цел да ги идентификува приоритетите, преку претходно дефинирани одредници од страна на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и глобалната мрежа на Локалните влади за одржливост (ILCEI) за да создаде план на активности и цели за дејствување во наредните десет години. Планот ќе биде развиен во тек на оваа година, пред да биде поднесен за одобрување пред Советот на Град Скопје. Досега ЕБОР има инвестирано над 1,85 милијарди во нашата држава во 115 проекти, од кои најголемиот дел се во инфраструктурниот сектор.