Фото: Маја Јаневска-Илиева

До жителите на Скопје апелираме употребените заштитни маски да ги фрлаат правилно и совесно и тие да бидат соодветно спакувани, за да се заштити здравјето на вработените во претпријатието, кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад, и наедно да се намали ризикот од ширење на ковид-19, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани

„КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ СО АПЕЛ ДО
ГРАЃАНИТЕ ВНИМАТЕЛНО ДА ГИ ФРЛААТ МАСКИТЕ ЗА ЕДНОКРАТНА УПОТРЕБА

Речиси цела година целиот свет живее во сосема нов ритам од вообичаениот. Поминаа карантини, изолации, полициски час, многубројни рестрикции, човечките навики се сменија, научивме како да живееме изолирани и сами, да контактираме користејќи ги социјалните мрежи и големиот број апликации за онлајн комуникација. Се чини дека многу брзо и лесно се навикнавме на новото нормално, на нови правила и прописи. За жал, не се смени сѐ. Не се смени она најважното, културата и меѓусебната заштита.
Речиси насекаде можат да се забележат фрлени заштитни маски што претставуваат директна закана за сите живи суштества на земјата. Главниот град овој пат е преполн со фрлени заштитни маски и ракавици, кои не само што не се во кантите, соодветно спакувани за да не шират потенцијални вируси, туку се низ парковите, улиците и тротоарите.

МАСКИТЕ ДА СЕ ФРЛААТ СПАКУВАНИ ВО ДВОЈНИ ЌЕСИЊА

Според големиот број истражувања, коронавирусот останува присутен на површините, но и на заштитните маски што ги носиме. Па, така, доколку некое лице е носител на вирусот, а ја фрли својата заштитна маска на улица, можеби не буквално, но сепак претставува опасност за минувачите и животните.
Битката со заштитните маски на свој грб најмногу ја почувствуваа вработените во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, кои секојдневно се соочуваат со расфрлани заштитни маски и ракавици.
– Во текот на изминатите неколку месеци, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје се соочуваат со големо количество отпад од заштитни маски и ракавици што граѓаните ги исфрлаат на јавните површини или, пак, несоодветно спакувани ги фрлаат во садовите наменети за комунален отпад. Употребените заштитни маски особено претставуваат потенцијален извор на зараза и во согласност со епидемиолошките препораки, овој тип отпад треба да биде фрлен уредно спакуван во двојни ќесиња – велат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека го третираат отпадот од заштитна опрема како комунален отпад и граѓаните слободно смеат да го фрлаат во садовите поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за надземни и подземни контејнери или за канти за отпадоци.
– Но до жителите на Скопје апелираме употребените заштитни маски да ги фрлаат правилно и совесно и тие да бидат соодветно спакувани, за да се заштити здравјето на вработените во претпријатието, кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад, и наедно да се намали ризикот од ширење на ковид-19 – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.

ДА СЕ ЗАШТИТИ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Светската здравствена организација препорача задолжително носење заштитни маски, а во последно време маските се задолжителни речиси насекаде, независно дали сте сами надвор или не.
Маските што можат да се реискористуваат, односно да се исперат и повторно да се употребат, според истражувањата, штитат речиси исто како и маските за еднократна употреба, со таа разлика што ја штитат и животната средина бидејќи го спасуваат светот од прекумерно количество отпад.
Колку за пример, во Велика Британија само десет проценти од населението носи заштитни маски што можат да се реискористат. Тоа всушност значи дека другите носат маски за еднократна употреба, односно во бројки, 53 милиони заштитни маски завршуваат во ѓубрето секојдневно, а можеби двојно поголем е бројот на маски што завршиле во вода, паркови и шуми, каде што загадуваат. Доколку ова е случај со Велика Британија, кај нас бројката иако е помала, сепак е доволна за да останеме затрупани во отпадоци од заштитни маски што се потенцијална опасност да го шират вирусот.
Колку за пример, во Велика Британија, за една година, отпадокот од заштитните маски може да достигне величина од пет и пол Ајфелови кули.
Пластиката од која се направени заштитните маси, при долгогодишно разложување во природата, со години ќе ги загадува почвата и растенијата.
Користењето реупотребливи заштитни маски може да им заштеди финансиски средства на граѓаните, но и да ја заштити животната средина.

[email protected]