Загадувањето претставува најгорлив здравствен ризик за животната средина, со кој се соочува населението во светот. Тоа го покажуваат податоците од извештајот за квалитетот на воздухот за 2019 година, што беше објавен завчера од страна на „Ајкју-ер ер-вижуал“. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека загадувањето на воздухот е причина за седум милиони случаи на предвремена смртност на годишно ниво, додека 92 отсто од населението во светот дише неквалитетен воздух. За среќа, Скопје не е повеќе меѓу најзагадените градови во светот.
Во Индија се наоѓаат 14 од вкупно 20 најзагадени градови на планетата, според концентрацијата на ПМ 2,5 честичките. Газијабад, град во близината на Њу Делхи, кој е главен град на провинцијата Утар Прадеш, е прогласен за најзагаден во светот со просечна концентрација на ПМ 2,5 честички од 110,2 микрометри на кубен метар што е единаесет пати повисоко ниво од пропишаната граница на СЗО. Тоа беше и причината зошто лани во јануари таму Владата воведе национална програма за чист воздух, која има цел да ги намали ПМ 2,5 честичките и позначајните ПМ 10 честички во загадувањето на воздухот во 102 града за 20-30 отсто до 2024 година, во споредба со нивоата од 2017 година. Неколку кинески градови, вклучувајќи го и Пекинг, кој некогаш беше познат по отровната магла, значително го поправи квалитетот на воздухот во изминатите неколку години со тоа што просечната концентрација на отровни честички опадна за девет отсто од 2018 до 2019 година, според извештајот.
– За Пекинг ова беше приоритет. Во Кина кога нешто ветуваат, тоа го исполнуваат преку вклучување на сите расположиви ресурси. Во Индија сега почнуваат да се преземаат мерки. Народот мора да изврши поголем притисок врз Владата – вели Јан Бокилод, директор за следење на квалитетот на воздухот во „Ер-вижуал“.
Се поставува прашањето дали и кај нас се презема нешто повеќе за да имаме почист воздух по сите протести на граѓанските здруженија за чист воздух, се прават ли некакви анализи, мерења, кои покажуваат каков е квалитетот на воздухот во однос на изминатата година, или можеби на зимските месеци во изминативе години во однос на годинашниве. Од Министерството за животна средина и просторно планирање тврдат дека има тренд на намалување на високите концентрации на ПМ 10 честичките.
– Во согласност со податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух (ДАМСКВ), најкритична загадувачка супстанција се цврстите честички ПМ 10 чии измерени концентрации често ја надминуваат среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на кубен метар, особено во зимскиот период, како и дозволениот број на денови (35 денови во текот на една година). Исто така, просечната годишна гранична вредност е надмината во сите урбани средини. Просечна годишна концентрација на ПМ 10 за сите мерни места покажува дека ситуацијата не е влошена, туку високото загадување на воздухот од 2005 до 2019 година е со тренд на намалување – објаснуваат од Министерството за животна средина.
Сите мониторинг-станици за квалитет на воздухот, во рамките на државниот мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух, се во функција. Единствено поединечни мерни инструменти во рамките на станиците Карпош, Центар, Битола 1 и мобилната станица Ѓорче Петров се исклучени поради технички причини. Но наведуваат дека со планот за јавни набавки за 2020 година, се предвидени 26 милиони денари за набавка на нови мерни инструменти, како и 6.200.000 денари за набавка на резервни делови и референтни стандарди за калибрација. Оттаму додаваат дека не само што ќе го усогласуваат нашето законодавство со европското туку и натаму ќе работат на многу проекти и на реализацијата на веќе предвидениот план за справување со загадувањето.
– Во текот на 2020 година ќе продолжи усогласувањето на националното законодавство со законодавството на ЕУ. Се очекува донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за квалитет на воздухот, со кои се прецизира начинот на усвојување на планските документи на ниво на единиците на локалната самоуправа, нивна проверка и одобрување од централната власт, дефинирањето мерки во локалните краткорочни акциски планови, како и контролата на имплементацијата од страна на инспекциските служби – велат од министерството.