Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска оствари билатерална средба со градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
Како што соопшти Град Скопје, средбата е во рамки на вториот ден од генералното собрание на Мрежата на здруженија на локалните власти од Југоисточна Европа (НАЛАС) што вчера и денеска се одржува во Скопје.
– Двајцата градоначалници разговараа на повеќе теми од областа на локалната самоуправа, со акцент на можностите за забрзан економски развој на Скопје и на Тирана и за концептот на паметни градови. Тие разменија позитивни искуства за одржливиот урбан транспорт, инфраструктурните решенија и подигнувањето на комуналната хигиена – се вели во соопштението.
Шилегов и Велиај се осврнале и на добрата соработка што ја негуваат двата града и нагласиле дека во наредниот период ќе работат таа соработка да се продлабочи.