Палењето кабли со бакарни жици е проблем што во голема мера придонесува за загадувањето на воздухот. Поради тоа, Инспекторатот на Град Скопје на оваа појава ѝ посветува особено внимание со засилени контроли на наведените локации. За жал, во текот на 2020 година не се пронајдени сторителите, ниту се документирани лица на местото на настанот…

ЗАПАЛЕНИТЕ ДИВИ ДЕПОНИИ СЕ КОЛОСАЛНА ПРИЧИНА ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ

Веќе којзнае која година по ред главниот град „се задушува“ во загаден воздух, мерки и активности има, а ефикасно решение – изостанува. Мобилната апликација „Мој воздух“ стана задолжителна на мобилните уреди, а индикациите што ги покажува таа, речиси секогаш и во секоја населба се во портокалова или во црвена алармантна боја.
Дозволените нивоа на загадување изнесуваат околу 25 за ПМ 2,5 и 50 микрограми на кубен метар за ПМ 10 честиците. Овие вредности претставуваат многу високо ниво на загаденост и истите тие се безбедни, односно не се смртоносни за здравјето на луѓето. Меѓутоа, ретки се тие денови кога ќе дувне ветер, па ќе ги намали бројките од 80, 100 или 120 ПМ 2,5 низ скопските населби. Надлежните препорачуваат излегување на свеж воздух и прошетки на сонце, кое, за жал, во главниот град ретко кога може да се види од густата магла. Оние среќните што живеат на падините на Водно и на Скопска Црна Гора постојано објавуваат фотографии од нивните сончеви денови, бидејќи ПМ-честичките, за среќа, кај нив не стигнуваат. Факт е дека не секој граѓанин може да си дозволи да замине на планина за да ги прочисти белите дробови од загаденоста, па наместо прошетки, повеќето седат затворени дома, затоа што дополнително состојбата со коронавирусот не им остава премногу опции за прошетка.
Како резултат на пандемијата се зголеми и користењето на социјалните мрежи, па сега изобилуваме со докази, односно со објавени фотографии за да ги видиме загадувачите на скопскиот воздух. Граѓаните повеќе не внимаваат. Одлучија да ги објавуваат загадувачите на социјалните мрежи, за барем малку да влијаат на нивното однесување и совест.

ГРАЃАНИТЕ ГИ „ЛОВАТ“ ЗАГАДУВАЧИТЕ

Скопјани интензивно ги преплавуваат социјалните мрежи со фотографии од загадувачи. Според она што го објавуваат тие, лесно може да се заклучи дека еден од главните загадувачи на воздухот се запалените диви депонии преполни од отпад што никако не би смеел да се гори на отворено. Гуми, пластики и разни други предмети секојдневно се дел од овие запалени мини-депонии што шират неподнослива реа и чад што ја пече душата.
– Да, објавувам постојано фотографии од оние што ги создаваат, но и од оние што ги палат дивите депонии бидејќи од некаде мора да се почне, а и на нештата мора да им се стави крај. Нека ги видат сите, нека ги знаат сите дека тие се дел од причината за тоа што сите ние дишеме загаден воздух. Секогаш кога минувам покрај поранешната депонија кај Вардариште или, пак, во Визбегово, задолжително фотографирам и пријавувам. Се надевам дека ќе се откажат од палењето на ѓубрето на депониите – вели Горан Трајановски.
Според граѓаните, проблем се и оние што на секое слободно место фрлаат секаков отпад, почнувајќи од градежен шут, па до кабаст отпад и други отпадоци, кои потоа се користат како можност за затоплување во зимските денови, а правот од градежниот шут се шири, дополнително загадувајќи го и онака загадениот воздух.
Фејсбук-профилот на Инспекторатот на Град Скопје постојано се ажурира за граѓаните да бидат информирани дека надлежните работат на терен. Па, така, дури и со видеоснимки се објавуваат загадувачите, односно оние несовесни граѓани што ѓубрето го исфрлаат каде што ќе посакаат.

ПАЛАТ ОГНОВИ ЗА ДА ТОПАТ БАКАРНИ КАБЛИ

Најнов тренд за загадувачите е топењето пластичната обвивка, односно изолацијата од бакарните кабли за да добијат чист бакар што потоа го нудат и продаваат во откупните центри.
– Палењето кабли со бакарни жици е проблем што во голема мера придонесува за дополнително загадување на воздухот. Поради тоа, Инспекторатот на Град Скопје на оваа појава ѝ посветува особено внимание со засилени контроли на наведените локации. Во текот на 2020 година, за жал, не се најдени сторители на самото место, но по интервенција на инспекцијата и комуналните редари од палење кабли со бакарни жици е запленет чист бакар во неколку наврати во вкупно количество од околу 90 килограми – информираат градските власти.
Инспекторатот на Град Скопје работи со полна пареа и во текот на зимскиот период врши секојдневни засилени контроли со 24-часовни дежурства, но и покрај тоа, загадувачите продолжуваат со палењето на депониите.
Според досегашните анализи на градските власти и на инспекторатот, најкритични се општините Аеродром, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Кисела Вода.
– Од досегашните теренски контроли, палење огнови на отворено и палење диви депонии најчесто се среќаваат во следниве општини: Аеродром (на локациите Горно Лисиче, Долно Лисиче и претоварната станица Вардариште); Шуто Оризари (на локацијата Визбегово); Сарај (на локациите Грчец, Крушопек и Шишево); Гази Баба (на локациите населба Ченто, населба Маџари, село Синѓелиќ) Кисела Вода (на локациите населба Драчево и село Драчево) – информираат од Градот.
Оттаму апелираат до граѓаните штом забележат оган на отворено да не чекаат, туку веднаш да го пријават на 193, за да може огнот што побрзо да се изгасне, а сторителите да се санкционираат.

– Во текот на 2020 година на самото место се затекнати и санкционирани вкупно четворица сторители – физички лица. Од друга страна, по наоѓање од дежурните екипи и/или по пријави на граѓани на 193 или на социјалните мрежи, во соработка со противпожарната единица, се реализирани многубројни интервенции за гаснење огнови на отворено – велат градските власти.


Заедничко институционално дејствување на сите општини во градот против загадувањето

Градоначалникот Петре Шилегов и градоначалниците на десетте скопски општини потпишаа меморандум за соработка за заедничко вршење на надлежностите во делот на инспекцијата.
– За комуналниот ред и животната средина во Скопје повеќе не постојат административни граници и пречки. Инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари од Град Скопје заедно со инспекторите и редарите од сите скопски општини отсега се дел од еден заеднички тим. Ваквиот заеднички тим го формираме заради заштита на животната средина и природата, за преземање мерки за заштита и спречување на загадувањето на водата, воздухот, земјиштето, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење утврдени во Законот за локална самоуправа. Нашата заедничка цел е воспоставување ефикасна и независна инспекциска служба, целосно елиминирање на просторот за злоупотреби, со повеќе казни за оние што не го почитуваат законот и повеќе едукација за граѓаните во превентивна насока. Затоа со овој меморандум ги поставуваме основите за заедничко институционално дејствување во делот на инспекцијата, го прошируваме и надградуваме тимот и го унапредуваме целиот процес пред формирањето на заедничка комунална полиција што во градови со големина на Скопје е повеќе од неопходна – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Со воспоставувањето ефикасен систем на контрола врз почитувањето на законите, во овој дел се најавува бескомпромисна борба со сите фактори што претставуваат закана за средината во која живееме, природниот амбиент, воздухот, водата и почвата што мора да бидат заштитени заради заштита на здравјето на граѓаните.
– Ова е еден голем чекор напред што го воспоставуваат општините. Сакам да им се заблагодарам на сите градоначалници на скопските општини за нивната политичка зрелост да пристапиме кон еден ваков чин. Нашите планови за во иднина се да најдеме начин да ја прошириме оваа соработка не само на регионално ниво туку да формираме заеднички тимови и со државните инспекторати за дејствување во повеќе области. Политичка волја постои, постојат ресурсите, а постојат и желбата и поривот да живееме во чиста и здрава животна средина. Со тоа ги исполнуваме основните предуслови за заедничко дејствување. Убеден сум дека за една година ќе можеме повторно да се собереме со конкретни извештаи и со конкретни бројки што ќе покажат дека сме биле во право кога сме верувале дека може да се дејствува заеднички и може да се успее – нагласи Шилегов.

[email protected]