Општината Руше во Словенија го изгради првиот автопат за велосипедисти, долг 15 километри, а некои наши општини како Кисела Вода, Чаир, Бутел и Ѓорче Петров првпат добија велосипедски патеки на некои улици. Ако оваа мала словенечка општина е поврзана со градот Марибор преку автопатот за велосипеди, Скопје не може да се пофали дека е поврзано со велосипедски патеки во сите насоки
Малата општина Руше во Словенија го изгради првиот автопат за велосипедисти, долг 15 километри, а некои наши општини како Кисела Вода, Чаир, Бутел и Ѓорче Петров првпат добија велосипедски патеки на некои улици. Ако оваа мала словенечка општина е поврзана со градот Марибор преку автопатот за велосипеди, Скопје не може да се пофали дека е поврзано со велосипедски патеки во сите насоки, бидејќи допрва треба да се доизградат уште многу нови такви. Иако е направено многу во последниве неколку години, колку што не беше сторено ниту во последниве триесетина, сепак градските власти мора да работат напорно како на дообновување на велосипедската мрежа, така и на нејзината доизградба.
Од градот велат дека се изградени нови велосипедски патеки во општините Карпош, Центар и Гази Баба. Активностите за изградба и реконструкција на велосипедски патеки ќе ги продолжат и годинава и додаваат дека планирана е реконструкција и изградба на велосипедски патеки во должина од над 16 километри. За нив како еден од најголемите проблеми во однос на развивањето на велосипедската мрежа и изведба на патеките е проблемот со просторот, бидејќи нема место каде да се изведат истите тие како посебни патеки. На одредени локации каде што нема простор за посебна патека или комбинирана (велосипедско-пешачка) патека, се бараат алтернативни решенија, како што е спуштање на велосипедската патека на коловозот, како што е примерот со патеката на булевар Свети Климент Охридски и онаа на улицата Втора македонска бригада во Чаир. Од новите велосипедски патеки, најдолгата од 3,5 километри е на булеварот Борис Трајковски, а најкратката од 0,25 километри на булеварот ВМРО.
– Сметам дека недостигаат уште многу велосипедски патеки. За жал, големите булевари Србија, АСНОМ и Февруарски поход немаат велосипедски патеки. Цело Ново Лисиче нема велосипедска патека. Велосипедската почнува од булеварот Србија кон булеварот Јане Сандански. И булеварите АСНОМ и АВНОЈ кон хотелот „Русија“ воопшто немаат вакви патеки. Ако се тргне од булевар Србија кон населбата Автокоманда, нема воопшто тротоар од десната страна, а од левата има тротоар, но нема велосипедска патека. Левата страна е толку тесна што не можат да се разминат ако по двајца се сретнат од спротивните правци. И по двата моста натаму по универзитетот ФОН никаде нема патеки – вели жителка од скопски Аеродром.
Скопјанец, пак, кој со години вози велосипед вели дека од Ѓорче до Центар годиниве е направено многу.
– Направени се патеки по Партизански одреди, Теодосиј Гологанов, има на Илинденска, а се направи и покрај кејот на реката Вардар. Трите главни булевари на тој потег се покриени. Во овој дел на Теодосиј Гологанов патеката не е асфалтирана и остана коцката. И од студентскиот дом до Порта Влае нема велосипедска патека, а тоа е потег во должина од три до четири километри. Оваа сообраќајница е фреквентна и не направија патека како што треба. Последниве десет години е многу направено, може да се рече драстично е подобрена ситуацијата, но треба уште многу да се подобрува. Ни оддалеку не е солидно – вели жител од Ѓорче Петров.
Од градот, пак, информираат дека во општината Ѓорче Петров се изградени вкупно 3,3 километри велосипедски патеки на делови од булеварот Партизански одреди и на улицата Ѓорче Петров. Во Чаир има 2,5 километри велосипедски патеки на делови од булеварите Христијан Тодоровски Карпош и Крсте Мисирков и на улиците Втора македонска бригада и Ферид Бајрам. Во општината Бутел досега се изградени 1,2 километар велосипедски патеки и тоа на делови од булеварот Христијан Тодоровски-Карпош и на улицата Бутелска. Во општината Карпош има 1,5 километар велосипедска патека на булеварот 8 Септември. Во општината Гази Баба велосипедистите имаат патека од 600 метри и тоа на булеварот Киро Глигоров.
– Градот Скопје работи на промоција на велосипедизмот како алтернативно сообраќајно средство. Истото тоа е еколошко, не загадува, а наедно има и позитивно влијание врз здравјето на граѓаните. Работиме на подобрување на условите за користење велосипед преку инвестирање во реконструкција на постојната и изградба на нова велосипедска инфраструктура. Во изминатиов период, заклучно со 31 декември 2018 година, се изградени и се реконструирани 14,6 километри велосипедски и пешачко-велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари. Во општината Кисела Вода се реконструирани вкупно 3,1 километри велосипедски патеки на делови од булеварот Борис Трајковски и на улицата 11 Октомври. Во општината Центар се реконструирани вкупно 2,4 километри велосипедски патеки на делови од булеварите Крсте Мисирков, Кочо Рацин, ВМРО (поранешна Маркс и Енгелс) и на улиците 11 Октомври и Свети Кирил и Методиј – информираат од градот.