Неисчистените оџаци освен што загадуваат, претставуваат и огромен ризик по животот на луѓето

Генерално, заинтересираноста за оваа мерка е ниска, не сме задоволни од резултатите и за таа цел секоја недела преку соопштенија до јавноста и објави на нашите профили на социјалните мрежи ги потсетуваме граѓаните за оваа можност и поволностите од користењето на оваа мерка, информираат градските власти

И ПОКРАЈ СУБВЕНЦИИТЕ ШТО ГИ НУДАТ ГРАДСКИТЕ ВЛАСТИ

Скопјани не се заинтересирани за чистење на оџаците во нивните домови, па дури ни кога дел од трошоците или, пак, целокупните трошоци за чистењето се субвенционирани. И покрај тоа што мнозинството жители во метрополата се греат на дрва, сепак, одѕивот на повикот на градските власти за субвенционирање на чистењето на оџаците е многу мал. До службите на градот се пристигнати само 95 барања за субвенции за чистење оџак.
Градските власти со оваа мерка ќе надоместат дел од трошоците на домаќинствата и на другите субјекти за чистење на оџаците, во нето-износ најмногу до 1.200 денари. За субвенции можат да поднесат барање физички или правни лица чие живеалиште или седиште е на подрачјето на градот Скопје. До минатата година износот на субвенциите изнесуваше илјада денари.
Греењето на дрва е еден од главните начини на затоплување на жителите на главниот град. Според сите досегашни анализи за загадувањето на воздухот во градот во зимскиот период, како една од причините за нарушувањето на квалитетот на воздухот во метрополата се токму домаќинствата што се греат на дрва.

Неисчистените оџаци, освен што загадуваат, претставуваат и огромен ризик по животот на луѓето, бидејќи од недоволно прооден оџак лесно настануваат пожари, кои честопати земаат голем број жртви и покосуваат цели населби.
За некои од граѓаните ова е одлична шанса бесплатно да се подготват за грејната сезона, додека други, сепак, не се заинтересирани затоа што велат дека чистењето на оџаците го прават самите тие, воопшто несвесни дека аматерското чистење може да ги чини живот.
– Сам го чистам оџакот веќе неколку години. Запознаен сум со тоа дека градот дава субвенции за чистењето на оџаците, но јас имам четка, знам како се чисти, па секоја есен тоа го правам сам – вели Стојан, жител на Драчево.
Жителка на општината Центар, пак, вели дека ова е втора година по ред како што аплицира за субвенции за чистење на оџакот во нејзината куќа.
– Спијам мирно затоа што знам дека професионалци ја завршиле работата. Тие знаат како да го исчистат и изгорат ѓубрето во оџакот, ме информираат за тоа како најдобро да го одржувам оџакот чист, какво дрво е најдобро да горам во ќумбето за да избегнам ризици по безбедноста и мојот живот и на моето семејство – вели таа.

Градските власти велат дека спроведуваат голем број мерки во насока на намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух, каде што како една од причините е затоплувањето на домовите. Сепак, оттаму велат дека заинтересираноста за овој јавен повик е низок.
– Изминативе три години Град Скопје распишува јавни повици за субвенции за чистење на оџаците на домовите на граѓаните. Генерално, заинтересираноста за оваа мерка е ниска, не сме задоволни од резултатите и за таа цел секоја недела преку соопштенија до јавноста и објави на нашите профили на социјалните мрежи ги потсетуваме граѓаните за оваа можност и поволностите од користењето на оваа мерка. Дополнително, на почетокот на мерката во 2018 година, Град Скопје бесплатно исчисти 100 оџаци, а за дополнително информирање за кампањата спроведе и цела кампања за бенефициите од редовното чистење на оџаците – информираат од Градот.

Оттаму додаваат дека претходните две години, односно 2018 и 2019 година, за оваа мерка биле издвојувани по илјада денари и биле доделени 634 субвенции.
– Годинава износот го зголемивме на 1.200 денари, а досега се пристигнати 95 барања. Вкупно за оваа мерка во буџетот на Град Скопје за 2020 година се предвидени два милиони денари, или повеќе од 1.600 субвенции – информираат оттаму.

[email protected]