Нови 90 канти за отпадоци во Карпош
Во согласност со планираните активности на Секторот за екологија и енергетска ефикасност, Општина Карпош ја продолжува акцијата за континуирано поставување нови канти за отпадоци на својата територија.
Во делот на новата спортско-рекреативната зона во Карпош 3 (која е во завршна фаза) беа монтирани седум канти за отпадоци и седум клупи за седење, а потоа локалната самоуправа етапно ќе ги постави и преостанатите 83 канти за ситен отпад во повеќе населби низ општината.
– По претходна консултација со комуналните редари од Карпош, кантите ќе бидат поставени на местата што се мапирани како најкритични, односно таму каде што најмногу е евидентирано фрлање отпадоци. Иницијативата за дополнително поставување канти за отпадоци започна минатата есен кога општината особено се фокусираше на издигнување на нивото на јавната хигиена – информираат оттаму.
Надлежните додаваат дека ова е само сегмент од стратегијата на локалната самоуправа за унапредување на животната средина и околината. Во таа насока, секојдневно се чистат коловозите со новите цистерни за миење улици, а јавните површини и плоштади се одржуваат со посебни машини за таа намена (ВАП-апарати што работат под воден притисок).
– Во оваа пригода апелираме до сите граѓани правилно да го фрлаат отпадот, бидејќи само заедно можеме да придонесеме за поздрава еколошка средина – заклучуваат општинските власти.
Се поставува нова урбана опрема во Аеродром
Деновиве се поставува нова урбана опрема на повеќе локации низ Општина Аеродром. Старите клупи и канти за отпадоци во Ново Лисиче се заменети со нови, модерно дизајнирани и многу попрактични.
– Активностите за уредување на јавните површини ќе продолжат и во наредниот период и на други локации на целата територија на општината, за подигнување на нивото на хигиената, како и за обезбедување почист и поквалитетен живот за граѓаните – информираат општинските власти.