Општината Шуто Оризари ќе реконструира улици
Општината Шуто Оризари ќе преземе активности за реконструкција на неколку локални улици во должина од три километри. Како што информираат надлежните, веќе имаат целосно изработена техничка документација за реконструкција на уличната инфраструктура, а во рамките на Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП)
– Градоначалникот на општината Шуто Оризари Курто Дудуш, веќе ја подигна комплетната техничка документација со која се планира реконструкција на улиците Бутелски Венец во должина од 1.500 метри, потоа Плачковица во должина од 650 метри и улицата Македонско-косовска бригада 20 во должина од 385 метри. Светската банка, во соработка со посебна проектна единица на Министерството за финансии, обезбеди грант во висина од 1,1 милион евра како техничка помош за 78 општини, кои ќе изградат и ќе санираат локални патишта во должина од 270 километри – информираат од Шуто Оризари.
Скопската вода е безбедна за пиење
Водата од скопскиот водовод е квалитетна и безбедна за пиење, информираат од ЈП „Водовод и канализација“. Ова го потврдуваат резултатите од неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, кој, всушност, е прва лабораторија во државата што го акредитира своето работење според стандардот ИСО17025:2018. Како што велат од претпријатието, ваквите информации ги објавуваат со намера граѓаните да бидат подобро информирани.
– Центарот за санитарна контрола во периодот од 30.12.2019 до 4.1.2020 зеде 110 примероци за физичко-хемиска и 110 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 38 мерни места во градот Скопје. Во согласност со добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“, бр.183/18) – објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.