Се гради новото училиште „Димитар Македонски“ во Лисиче
Во Општина Аеродром се гради нов училиштен објект на основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче. Новото училиште е со површина од 2.840 квадратни метри и со капацитет од 700 ученици организирани во две смени. Ќе биде опремено со најсовремени кабинети, простории за дневен престој, кујна и простории за наставниците.
– Изградбата на новиот објект е од витално значење за учениците од овој дел на Oпштината – вели градоначалникот на Oпштина Аеродром, Златко Марин, и посочува дека населбата Лисиче ќе добие современо основно училиште.
Од локалната самоуправа на Аеродром информираат дека градоначалникот Златко Марин и заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска веќе направиле увид во градежните работи на новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче. И двајцата констатирале дека работите се одвиваат според предвидениот тек и очекуваат објектот да биде пуштен во употреба идната година.
Во Ѓорче Петров обновена хоризонталната сигнализација
Општина Ѓорче Петров во соработка со Град Скопје со свежа бела боја ги обнови сите пешачки премини, како и полни и испрекинати линии на градските улици на територијата на Ѓорче Петров. Општинските власти заедно со градските служби работеа и на хоризонталното обележување на сообраќајниците во населбата Дексион.
Надлежните велат дека сега со обновувањето на хоризонталната сообраќајна сигнализација и со подобрувањето на видливоста на обележаните линии, значително е зголемена сообраќајната безбедност, како на пешаците така и на возачите.
Во Кисела Вода се гради затворен базен
Во Општина Кисела Вода во дворот на основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ веќе се одвиваат градежните активности за изградба на затворен базен. Паралелно се гради и трим-патеката близу железничката пруга. Базенот ќе биде со широчина на коритото од 8,9 метри, должина 25 метри и со длабочина од 0,8 до 1,2 метар. Изградбата на базенот ќе чини 37.802.641 денар со вклучен ДДВ, а го гради Агенцијата за млади и спорт. Изведувач на градежните работи е фирмата „Енерго инвест трејд“ – Скопје.
Надлежните од Кисела Вода сметаат дека со изградбата на училишниот базен ќе се издигне свеста кај најмладите, а и кај преостанатите граѓани за водните спортови. Со проширувањето на трим-патеката граѓаните исто така ќе имаат можност да спортуваат.
Трим-патеката ја градат со заедничка соработка Агенцијата за млади и спорт и Општина Кисела Вода. Таа е во должина од повеќе од два километри и во периодов се вршат градежни активности за нејзино проширување и целосна реконструкција. И со оваа голема инвестиција жителите на Кисела Вода конечно ќе добијат подобри услови за спортување, рекреирање, прошетки и дружба. Проектот за реконструкција на патеката е на Општина Кисела Вода. Надлежните упатуваат апел до граѓаните да имаат трпение додека се одвиваат градежните активности на трим-патеката.