Нов тротоар на улицата Вангел Дину во Влае
Нова пешачка зона деновиве интензивно се гради на улицата Вангел Дину во населбата Влае. Екипите ангажирани од Општина Карпош за одржување и изведба на инфраструктурата забрзано работат на терен на изведбата на тротоарот и истовремено на поставувањето нови рабници.
– Предвидена е обнова и на коловозот на оваа улица, чија реконструкција е во тек, при што ќе се асфалтира коловоз во должина од 208 метри и широчина од пет метри. Во претстојните денови треба да завршат сите реконструкции на оваа улица и се очекува таа да го добие завршниот лик – велат од Општина Карпош.
Оттаму дополнуваат дека локалната самоуправа продолжува со одржување на постојната инфраструктура, но и со пробивање нови улици, особено во периферните делови на општината.
Ларвицидна авионска и теристична дезинсекција
На подрачјето на Скопје денеска ќе се изврши авионска и теристична дезинсекција, против ларви од комарци. Ларвицидната авионска дезинсекција ќе почне во раните утрински часови, а прскањето од земја ќе се изведува во периодот од 8 до 17 часот.
Градските власти информираат дека доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, таа ќе се реализира во истиот термин првиот нареден ден кога временските услови ќе бидат поволни. Од градот исто така ги известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Реконструкција на патот кон селото Кучково
Општина Ѓорче Петров, во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, обезбеди средства и почна со реконструкција на патот кон селото Кучково. Со тоа овозможи трајно решавање на деценискиот сообраќаен проблем на граѓаните што транзитираат во ова населено место од општината Ѓорче Петров.
– За таа цел, го реконструираме патот, ширината на коловозот се зголеми и изнесува шест метри, а безбедноста на пешаците се решава со изградба на тротоари од двете страни на патот, со широчина од по два метри. На сообраќајницата, како и на кружниот тек што ќе се гради во центарот на Волково, се постави ново улично осветлување – информираат од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму велат дека активностите во екот на ковид-19 биле редуцирани, но далеку од стопирани. Тие тврдат дека интересите на граѓаните, нивната безбедност и создавањето услови за подобар живот им се најважни.