Од денеска повторно бесплатен превоз за возрасните лица
Од денеска продолжува да важи бесплатното користење на јавниот превоз за возрасни лица, за жени над 62 години и за мажи над 64 години во вторник, петок, сабота и недела, информираат од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Од претпријатието упатуваат апел за рационално користење на превозот и за задолжително носење заштитна опрема во согласност со уредбите за заштита од ковид-19.
Делови од четири општини без струја
Седум часа без електрична енергија во периодот од 8.30 до 15.30 часот, денеска ќе бидат дел од жителите на улицата Џон Кенеди, потоа оние што живеат на улиците Максут Садик и Пере Тошев во Општина Чаир. Од ЕВН информираат дека поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа денеска без напојување со електрична енергија ќе останат и дел од жителите на општините Аеродром и Кисела Вода. Во периодот од 8.30 до 11.30 часот, струја ќе немаат дел од корисниците од улицата Црноризец Храбар, дел од улицата 1616 во реонскиот центар Лисиче, како и оние што живеат на улицата 1513 во населбата Пинтија.
Прекин во напојувањето со електрична енергија денеска од 13 до 15 часот ќе имаат и граѓаните од улицата Питу Гули делот кај американската амбасада во Општина Центар. Од 8.30 до 15.00 часот, без струја ќе бидат и жителите од улицата Славе Деловски и соседните улички во оваа општина.
Почна изградбата на фекална канализација во селото Усје
Општина Кисела Вода ја почнува изградбата на секундарната фекална канализација во селото Усје, а за таа цел надлежните веќе потпиша договорот со фирмата „Енергомонт“. Од локалната самоуправа велат дека реализацијата на овој проект ќе значи решение за околу 1.500 жители на овој дел од Кисела Вода, кои со години имаат проблеми поради непостоење систем за одведување на отпадните води. Средствата за реализација на целокупниот проект ги обезбеди Општина Кисела Вода. Новопредвидената фекална канализација треба да биде завршена во рок од осум месеци од почнувањето на градежните активности.
– Градоначалникот Филип Темелковски и претседателот на Советот на Општина Кисела Вода Дарио Шимиќ го посетија ова населено место, каде што наскоро ќе почнат градежните активности за изведување канализациска мрежа во должина од 2.986 метри. Во согласност со изработениот проект, се работи за седум крака фекален систем со профили на цевки фи 500, фи 250 и фи 300, во согласност со хидротехничките услови за приклучување и конфигурацијата на теренот – велат од Општина Кисела Вода.