Се реконструира улицата Вангел Дину во Влае 1
На терен веќе почнаа подготовките за целосна реконструкција на улицата Вангел Дину во населбата Влае 1. Општина Карпош наскоро ќе почне со обнова на коловозната лента на оваа сообраќајница, односно со поставување нов асфалт. Странично, по должината на целата улица ќе следува изведба на комплетно нови тротоари.
– Се предвидува обнова на коловозот во должина од 208 метри и широчина од пет метри, со што значително ќе се подигне нивото на безбедност во сообраќајот на оваа сервисна уличка. Овој период работиме на повеќе инфраструктурни зафати на неколку локации. Во тек е реконструкција на паркингот во Карпош 3, а се обновуваат и неколку улици во населеното место Бардовци – информираат од Општина Карпош.
ПОЦ почна со бележење на паркиралиштата
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје почна со редовното бележење на хоризонталната сигнализација на паркиралиштата со кои стопанисува, а целта на ваквите активности на терен е попрегледно паркирање во општината Центар.
– ПОЦ ќе почне со работа од зона 01 и катната гаража „Судска палата“, а во текот на наредните неколку месеци ќе бидат обележени сите паркинг-места во преостанатите зони и затворени паркиралишта – информираат надлежните од Општина Центар.
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ апелира до жителите да имаат разбирање за нивните активности на терен, бидејќи, како што велат, по завршувањето на бележењето на паркинг-местата ќе се добие подобра и пофункционална организација на паркирањето и ќе може да користат добро уредени и безбедни паркинг-места.