Општина Гази Баба ги анимира граѓаните во изолација
Општина Гази Баба преку предлози за музика, филмови, книги и предлози за разни други предизвици што ќе ја разбудат креацијата ги анимира граѓаните покреативно и позабавно да го поминат периодот во изолација во своите домови. Идејата е, како што велат надлежните, еднакво да ги заинтересираат како младите така и возрасните, за да можат што поисполнето да го минуваат денот. За најдобрите креативци општината има и симболични награди.
– Изработките за „Гази Баба предизвик“ треба да бидат фотографирани или снимени во кратко видео, за и граѓаните да бидат во меѓусебна мотивација, а најдобрите ќе добијат симболична награда од општината. Нашата цел е да ги мотивираме граѓаните слободното време, кое овој период го имаат во изобилство, да го поминат рационално, креативно, едукативно, заедно со најблиските, да креираат моменти за кои претходно немале можност поради недостиг од време – велат од Општина Гази Баба.
Надлежните порачуваат сите заинтересирани своите предлози, препораки и предизвици да ги испратат на [email protected], а може да учествуваат сите заинтересирани и надвор од Гази Баба.
Прв музички предлог за граѓаните е еден од концертите на нашата легенда Тоше Проески. Препорака за филм е „Тетовирање“, а исто така предлагаат и гледање стари македонски приказни, кои кријат и скриени поуки. На најмладите им предлагаат да слушаат стари детски хит-песнички.
– Имавме предлог-предизвик замок со ќебиња во соба и тој разбуди голем интерес кај граѓаните. Делото на Лусинда Рајли, со наслов „Љубовното писмо“, им го препорачавме за читање. Понудивме и микс од добри македонски евергрини, предлог од наш жител, а за крај на викендот предложивме да го гледаат македонскиот филм „Балканкан“. И во наредните денови продолжуваме со предлози од повеќе области, креации, предизвици, за жителите да имаат што поисполнет ден – велат од Гази Баба.
Во Карпош интензивно се дезинфицираа улици
За време на полицискиот час викендов што измина активно работеа комуналните служби на Општина Карпош. Тие миеја и дезинфицираа улици во урбаната заедница Владо Тасевски, кај Млечен ресторан, а потоа и во Карпош 1 и Карпош 2. Јавните површини, како улици, плоштади, платоа и други фреквентни места интензивно се дезинфицираа со двете цистерни на локалната самоуправа.
– Градоначалникот Стефан Богоев, кој го предводи и општинскиот кризен штаб, изминатиов викенд направи обиколка низ населбите во Карпош, потоа помина и во Пожарната бригада и маалските дежурни продавници. Воочливо е дека граѓаните го почитуваат полицискиот час, а субјектите што имаат дозвола за достава на храна и на лекови работат по претходни нарачки од страна на граѓаните – заклучуваат од Општина Карпош.