Општина Центар донира 555 милиони денари за 55 семејства
Општина Центар ќе додели финансиска помош од вкупен износ од 555 милиони денари за социјално загрозени семејства и лица што имаат лоша здравствена состојба. Ваква одлука донесе Комисијата за социјална и здравствена заштита на Општина Центар на одржаната електронска седница. Од Општината велат дека овие финансиски средства се одобрени врз основа на пристигнати барања од страна на жителите на општината.
– За надминување на проблемите со кои се соочуваат овие лица, 55 семејства со итна социјална и здравствена потреба ќе добијат еднократна финансиска помош од Општина Центар, во вкупен износ од 555 милиони денари – вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Општина Центар, невладината организација „Банка за храна“ и здружението за поддршка и развој „Хуманост“ се мобилизираа заради обезбедување помош и донација на семејства што живеат во социјален ризик, нехумани услови и секојдневна борба со сиромаштијата. Мобилните тимови почитувајќи ги сите мерки на претпазливост и заштита од ковид-19, им доставуваат пакети со прехранбени продукти, медикаменти и други неопходни средства до нивните домови. Надлежните од Центар велат дека помош и поддршка им се дава на сите стари и снеможени лица над 60 години, кои се жители на Општина Центар. За да не се изложуваат на дополнителна опасност и како најзагрозени и во најголем ризик од коронавирусот, мобилните тимови секојдневно се на терен за да им ја обезбедат потребна помош на овие лица.
Исто така, отворен е јавен повик за доделување субвенции за проектот „Сервис за стари лица“ за жителите на Центар, кои се над 60 години.
– Би сакал да апелирам до сите хумани граѓани и општествено одговорни компании да се вклучат во хуманитарните акции и заеднички да им помогнеме на нашите сограѓани. Сите заинтересирани можат да ни се обратат на телефонскиот број 076 313 383 – порача градоначалникот на Општина Центар.
Во Аеродром обезбедени лаптопи за деца од ранливи групи
Училиштата во Општина Аеродром обезбедија компјутери за учениците од социјално ранливите категории, за непречено одвивање на онлајн-наставата. На овој начин, сите ученици ќе имаат можност да се вклучат во алтернативниот вид настава преку платформата „Гугл класрум“.
– Според Министерството за образование и наука, онлајн-наставата стана задолжителна, а преку е-платформата се овозможува двонасочна комуникација меѓу наставникот и ученикот, како и непречена размена на податоци – велат од Општина Аеродром. Надлежните велат дека во нивната општина успешно се одвива овој вид настава во сите училишта и детски градинки, а се спроведе како резултат на затворањето на училиштата и мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.