Кисела Вода, Карпош и Бутел забранија користење на детските игралишта
Општина Кисела Вода упати апел до сите свои жители да не ги користат детските игралишта, спортските терени на отворено и фитнес-зоните на целата територија на општината, поради заштита од коронавирусот. Инаку, општината реализира акција за дезинфекција на игралиштата, но надлежните забрануваат тие да бидат посетувани, бидејќи опасноста демне од собирањето групи на деца и родители. Со тоа, секако, се зголемува можноста за ширење на коронавирусот.
– Ги повикуваме сите граѓани да не се собираат и да не ги користат овие рекреативни зони. Наедно, во согласност со владината одлука, целосно се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. За оваа цел се интензивираат и контролите на Министерството за внатрешни работи и армијата. Со оглед на тоа што има податоци дека многу често мерките не се почитуваат, на Владата ќе биде предложено заострување на одредени мерки, особено во делови од државата каде што е регистрирано непочитување – информираат од Општина Кисела Вода.
Затворените детски игралишта што можат да се заклучат ги затвори и Општина Карпош, за да не се собираат групи деца и родители. На територијата на Карпош постојат и повеќе игралишта, фитнес-зони што се отворени, а надлежните ги повикуваат сите граѓани да не се собираат и да не ги користат овие рекреативни зони. И кризниот штаб на Општина Бутел донесе забрана за користење на сите детски игралишта и спортски терени за собири на отворено на цела територија на Општина Бутел.
Аеродром дезинфицира јавни површини и урбана опрема
Општина Аеродром веќе неколку дена врши интензивно чистење и дезинфицирање на јавните површини на својата територија. Со чистење и дезинфекција се опфатени сите улици, детските и спортските игралишта, контејнерите, кантите за отпадоци, како и целокупната урбана опрема.
– Во врска со состојбата со коронавирусот, а во согласност со препораките на Министерството за здравство, општината презеде превентивни мерки за заштита од ковид-19 – воведе телефонска линија со бројот 070 297 140, на кој граѓаните ќе можат да побараат помош за набавка и достава на прехранбени производи и лекови. Во соработка со Црвен крст формира тимови за помош и поддршка на стари и снеможени лица. Исто така им препорача на управителите на станбените згради да извршат дезинфекција на заедничките простории и лифтови на сите станбени згради на територијата на општината – информираат од Аеродром.
Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и на Министерството за здравје.
Автобусите и натамуќе возат по саботен возен ред
Јавното сообраќајно претпријатие информира дека автобусите од јавниот градски превоз и натаму ќе продолжат да сообраќаат по саботен возен ред.
– Исклучок се линиите со броевите „9“, „19“, „20“ и „23“, кои ќе возат по редуциран делничен возен ред. Одлуката е во согласност со препораките и мерките на Владата за превенција од ширење на коронавирусот – информираат од ЈСП „Скопје“.
Од претпријатието велат дека одлуката ќе важи во наредниот период, сѐ до новите препораки.