Во Кисела Вода ќе се собира кабест отпад
Општината Кисела Вода од денеска започнува со проект за собирање кабаст отпад од домовите на своите жители. Секој работен ден, во периодот од 8:30 до 16:30 часот, тие ќе можат да се јават на телефонот 072 313-331 и да дадат информација дека поседуваат кабаст отпад, по што ќе се направи договор со службите на општината за негово бесплатно подигнување од пријавената локација.
– Општината Кисела Вода го спроведува овој проект преку Секторот за месна самоуправа, за решавање на проблемот со неконтролираното фрлање на овој вид отпад, што е казниво со закон. Потсетуваме дека собирањето на кабестиот отпад има директно влијание во зачувувањето на урбаната животна средина од аспект на санитарно и еколошко значење – велат од општината Кисела Вода.
Надлежните нагласуваат дека во периодот што следува, инспекциската служба ќе работи засилено на пронаоѓање и санкционирање на лицата, кои евентуално нема да ги користат услугите на општината и повторно отпадот ќе го фрлаат на јавни површини.
Ново детско игралиште во Тафталиџе и во Нерези
Населбите Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште, во близината на слаткарницата „Рафаело“, по должината на булеварот Партизански одреди. Овој јавен простор целосно е уреден со реквизити за деца, клупи и канти за отпадоци. Претходно, општината организираше и анкета, за да се утврди интересот на граѓаните за создавање детска зона во овој дел од населбите.
– Повеќе од 80 отсто од засегнатите жители дадоа зелено светло и веќе се одржа маалска дружба, каде што повозрасните заедно со своите внуци имаа можност да се рекреираат. Градоначалникот Стефан Богоев најави и други детски игралишта, кои локалната самоуправа ќе ги прави во претстојниот период – информираат од општината Карпош.
Следна активност ќе биде изведба на детски игралишта и во Карпош 3, во Козле на улицата Јуриј Гагарин и во Злокуќани. Во финална фаза е и инклузивното игралиште во Карпош 2, на улицата Веселин Маслеша, кое се гради во соработка со градот Скопје.
Оваа година Карпош ќе добие уште четири нови детски игралишта, но општинарите најавуваат дека ќе продолжат и со одржување на сите други. Ќе работат на замена на дел од подлогите и на санација на реквизитите и слично.