Билетот на ЈСП за едно возење во продажба
Пуштен е во употреба и веќе се продава билетот за едно возење во јавниот градски превоз. Може да се купи во сите возила и во билетарниците на ЈСП „Скопје“. Билетот чини 50 денари, во согласност со одлуката на Советот на градот Скопје за изменување и дополнување на одлуката за интегриран тарифен систем во линискиот превоз на патници во градот Скопје. Наменет е за еднократна употреба, хартиен е, со вграден бесконтактен чип. Изработен е со највисоки безбедносни стандарди, компатибилен со постојната опрема, односно се валидира бесконтактно на постојните валидатори во автобусите.
Почна изградбата на новиот парк во Мичурин
Новиот урбан парк ќе се гради на постојното игралиште спроти ОУ „Блаже Конески“, а ќе биде со површина од 3.573 квадратни метри. Покрај зелени површини, паркот ќе има детско игралиште, пешачки патеки со клупи, комбинирано спортско игралиште за рекреација, како и место за игри за најмладите.
– Општината Аеродром, покрај овој парк, во наредниот период ќе изгради повеќе паркови на различни локации. Два од урбаните парка ќе бидат во Стар Аеродром, покрај улиците Методија Шаторов-Шарло и Пандил Шишков, а нов парк ќе се гради и меѓу булеварот Трета македонска бригада и касарната „Гоце Делчев“ – велат од општината Аеродром.
Во Ѓорче Петров исчистен паркингот кај пазарчето
Комуналната служба на општината Ѓорче Петров целосно го исчисти паркингот спроти пазарчето во општината, кој е критична точка во однос на хигиената. Од општината велат дека службата во континуитет ја одржува чистотата во овој дел, но поради зголемената фреквенција на луѓе на пазарот и во локалните маркети, овој паркинг честопати се полни со смет.
– Апелираме за свесност и совесност од граѓаните, но и околните маркети за да се одржува паркингот чист на долг рок – порачуваат општинарите.
Пролетна дератизација во Карпош
Општината Карпош почна со редовната пролетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, со која ќе бидат опфатени сите основни училишта и детски градинки, кои се наоѓаат на нејзина територија. Во продолжение на оваа акција ќе бидат дератизирани и над 5.000 шахти што се наоѓаат на територијата на Карпош.
Од локалната самоуправа велат дека секоја година ја спроведуваат оваа активност напролет и наесен, за превенција од штетните глодачи и инсекти, како и за заштита на јавната чистота и одржување на здравата животна средина.