Општината Аеродром ќе дава по 8.000 денари за секое новороденче
Општината Аеродром од оваа година ќе исплаќа по 8.000 денари за секое новороденче, наместо досегашната сума од 5.000 денари. Зголемувањето на износот е за да се помогне семејниот буџет на семејствата со новороденчиња.
– Во буџетот за 2020 година предвидовме зголемување на поддршката за новороденчињата, за да им ги олесниме трошоците на граѓаните и на тој начин да создадеме подобра иднина за сите – појаснува градоначалникот на општината Аеродром, Златко Марин.
Потребните документи за аплицирање се наведени во барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче во 2020 година на подрачјето на општината Аеродром. Формуларот може да се добие во архивата на општината или да се симне од веб-страницата на општината Аеродром на следниов линк: http://www.aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari
Се гради фекална мрежа во Визбегово
Општината Бутел почна со изградба на фекалната канализација до новопроектираното училиште во Визбегово. Фекалната мрежа ќе се протега од улицата 3 до училиштето. По завршувањето на проектот со изградба на фекалната канализација, општината ќе почне со градежни зафати за градење на водоводната мрежа на истата локација во ова населено место.
– Во општината Бутел оваа недела почна уште еден многу важен проект со поддршка на Владата. Имено, се почна со изградба на канализациска мрежа во должина од 5,2 километри на два крака во индустрискиот дел на населбата Визбегово – информираат од општината Бутел.
Надлежните оттаму велат дека во индустриската зона Визбегово работат околу 200 компании, а има интерес за изградба на капацитети и од други стопанственици, поради што се работи на целосно подобрување на инфраструктурата и на деталниот план во општината. Со овие проекти надлежните сметаат дека ќе постигнат поголема економска бенефиција за општината и за сите нејзини граѓани.