Скопје повторно е на листата на најзагадени градови на светот, а штетните ПМ-честички во воздухот беа присутни осум пати над дозволените граници. Во општината Центар и кај Ректорат мерењата на државните станици покажаа близу 400 милиграми на кубен метар ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките. И наместо интервентни мерки веднаш, надлежните повторно ќе чекаат два последователни дена да дишеме загаден воздух, а всушност пак ќе нѐ спасат метеоролошките услови. Нешто мора да се менува во начинот на работа, интервентно да се реагира во вакви ситуации и, како што велат од некои невладини еколошки организации, веднаш да се свика координативно тело, кое треба да реагира сега и веднаш со интервентни мерки. Ни ден повеќе да не се дише загаден воздух.
Интервентни мерки против најголемите загадувачи побараа здружени граѓани преку иницијативата „Канцерогено општество“ што во саботата излегоа на протест. Младинската организација на политичката партија ДОМ со соопштение до медиумите вчера апелира до надлежните да се активираат итните мерки веднаш. Тие велат дека очигледно биле во право кога побарале да не се прекинуваат итните мерки и да продолжи бесплатниот автобуски превоз.
Бараат вонредни инспекциски контроли, стопирање на градежните активности, бесплатен автобуски превоз, редовно собирање на отпадот, миење на улиците и спроведување на Законот за зеленило. Ги прашавме и во Министерството за животна средина колку луѓе се ангажирани и работат на справување со загадувањето и кои се сега моментните активности на тој план Но до затворањето на весникот не добивме одговор.
– Талат Џафери, претседателот на Собранието, итно на седница да ја стави на дневен ред точката за загадувањето на воздухот. Помина повеќе од еден месец од јавната расправа на која беа донесени заклучоци. Еден од нив беше секој во својата општина да ги детектира загадувачите, да ги задолжи сите институции да ги контролираат…
Ако сега не се стави таа точка на дневен ред, ние ништо не сме направиле. Сега треба нешто да направиме за наесен да имаме резултати. Ова сега што повторно Скопје е најзагаден град е работа на локалните самоуправи и на Министерството за животна средина. Ако големите загадувачи, а секако и малите се сведат на 50 отсто, убедена сум дека најголем дел се индустриски капацитети, бидејќи попладне е најзагадено и тврдам дека не се контролираат. Не работат ниту локалните ниту државниот инспекторат. Има основа да тврдам дека не работат, а тој што ќе рече дека работат, лаже – рече вчера Лилјана Поповска, поранешната претседателка на ДОМ, сегашна пратеничка и членка на Комисијата за транспорт и екологија во Собранието на Република Македонија.
Таа исто така се согласи дека не треба да се чека два дена за да се интервенира со итни мерки, бидејќи секој ден дишење загаден воздух е штета по здравјето на граѓаните.
Маја Морачанин, сегашната претседателка на ДОМ, рече дека по алармантната вест дека Скопје повторно е на врвот на листата на најзагадени градови, требаше интервентно да се реагира, како на пример со бесплатен превоз, да се запрат сите градежни активности, во делот на сообраќајот можеби да се воведе возење пар-непар, да се забрани возење постари возила, да се вршат редовни, но и вонредни контроли од страна на инспекциите. А за да се избегне корумпираност, инспекторите мора да ротираат.
– Државата мора да вработи поголем број инспектори, значи треба да одвои и повеќе пари не само за нивно вработување туку и за решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот. Во деновите кога има енормно загадување би можело веднаш да се преземаат интервентни мерки, да не се чека. Може и побрзо да се реагира, но и да се предложи тие мерки интервентно да се применуваат. Има досега некаков напредок, но не е доволен. Треба да се работи уште поинтензивно. Ние како партија предложивме амандман до Владата да се зголемат средствата, но не беше прифатен. Но добро е што Владата изјави дека загадувањето ќе ѝ биде стратегиски приоритет. Ние работиме и во партијата, имаме комисија за екологија, консултации, експертиза од европската зелена партија, црпиме искуства. Вклучен е голем тим на луѓе, се консултираме и со експерти од сестринските партии и ги користиме и нивните искуства. Проблемот со загадувањето никаде не е решен докрај, но барем е сведен до некое прифатливо ниво. Затоа мора да се работи посветено и да се издвојат повеќе пари – смета Морачанин.
И невладината „Гоу грин“ предлага мерки и политики до институциите, а најкокретно поголема контрола на малата индустрија. Тие велат дека корупцијата и сиромаштијата тука се главниот проблем.
– Ние постојано предочуваме до институциите дека има елаборати што на хартија ги исполнуваат сите критериуми, но при нивната примена инспекторите им прогледуваат низ прсти. Токму ова не треба да се случува, а познато е дека малите и средните претпријатија се носители на економијата. Тие велат дека крпат од месец до месец за да опстанат и уште ако ги казнат ќе треба да затворат. Затоа ние велиме дека треба да се субвенционираат, да користат еколошки горива за својата работа. Овие проблеми мора да се адресираат до Владата, која треба да иницира вакво нешто вели – Антонио Јовановски, извршен директор во невладината „Гоу грин“.
Оваа организација со многу малку вработени упорно и напорно работи на планови и креирање мерки и политики за намалувањето на загадувањето на воздухот. Членовите не се вработени и работат со договори за проекти. Велат дека работат волонтерски, но предизвик им е законот за енергетика и ефикасност. Како едни од проблемите зошто ни се случува загадувањето ги посочуваат менталитетот и општествените вредности, бидејќи, како што велат, не е вреден оној што вози точак, туку оној што има скап автомобил. Сметаат дека ова мора да се промени, како што треба да ни се промени и односот кон урбанизмот, не згради по секоја цена, туку паркови и зеленило. Затоа „Гоу грин“ работи на многу проекти со младите, особено оние од скопските гимназии, па на тој начин ја шири и младинската еколошка мрежа за што поздраво општество. Од „Гоу грин“ додаваат дека е добро што Владата во декември на сите институции им дала допис да ги мапираат сите работни места што работат на животна средина, бидејќи министерствата се тие што се занимаваат со политики, а вистинската акција за справување со загадувањето лежи во општините.