Се санираа ударни дупки изминатиов период и се реконструира оштетениот дел од коловозите на скопските улици. Центарот за управување и контрола на сообраќајот на градот Скопје извести дека екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ сега поставуваа заштитни столпчиња и заменуваа оштетена ограда. Исто така се санираат шахти, се реконструираат рабници и тротоари, како и велосипедски патеки.
Поставени се нови и заменети се оштетени столпчиња на улиците Свети Кирил и Методиј и Самоилова на скопското Кале, а санирани се ударни дупки по должината на булеварот Александар Македонски, како и на улици во општината Бутел, потоа во населбата Автокоманда и на улици кон населбата Драчево.
Исто така, реконструирана е вело-патеката по должината на булеварот ВМРО, кај поранешна „Агромеханика“, и санирана е заштитната ограда на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов кај Католичка црква. Санирани се шахти, како и прекопи на булеварот Партизански одреди, потоа во делот на улицата Никола Парапунов, во близината на мостот Обединети нации, како и на булеварот АСНОМ во Аеродром.
Од градот Скопје велат дека екипите работат и на поставување нова вертикална сигнализација, како и на контрола на веќе постојната. Се врши и бележење на пешачките премини.
Од ЦУКС апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно и да ја почитуваат поставената вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација, приспособувајќи ја својата брзина на движење според условите на патот.