Општината Кисела Вода започна реконструкција на неколку улици во населбата Пинтија. Тамошните жители на потегот од улицата Саса 2 до крстосницата со улицата Јабланица ќе добијат целосно реконструирана сообраќајница.
– Улицата Саса 2 ќе се санира со ширина на профил од 10 метри, ќе се изработат нови тротоари од двете страни, со ширина од два метри, како и нов пристапен пат изработен од павер-елементи со ширина од 5,5 метри. Вкупната должина на поставување асфалт заедно со павер-елементите на улицата ќе биде во должина од 400 метри. Додека од крстосницата со улицата Јабланица до крстосницата на улицата 1440 ќе се реконструира улица Саса 6, во должина од 81 метар. Ќе се асфалтира и кракот на улица Јабланица во должина од 73 метри со постојната ширина – информираат од Кисела Вода.
На овие улици ќе се обноват и тротоарите. Покрај ова, на улицата Саса 6 и по кракот на улицата Јабланица во должина од 570 метри ќе се изгради нова атмосферска канализација. Средствата за подобрување на инфраструктурата се обезбедени преку проектот за подобрување на општинските услуги.
Проектот го реализира Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, а тој ќе ги реши долгогодишните проблеми со кои секојдневно се соочуваат жителите на Пинтија.