Во почнатиот процес за импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп дојде до ново изненадување, бидејќи се појави и втор свиркач, соопштија адвокатите што го застапуваат првиот свиркач.
Адвокатот Марк Заид изјави дека и вториот свиркач понудил информации за обидите на Трамп да изврши притисок над украинскиот претседател Володомир Зеленски, да спроведе истрага на неговиот политички ривал, бившиот американски потпретседател и можен претседателски кандидат Џо Бајден. Заид истакна дека и вториот свиркач е службеник на разузнавачката служба, кој е запознаен со случајот, и оти за тоа разговарал со генералниот инспектор. Според него, вториот свиркач е лицето што од прва рака дознало за наодите поврзани со телефонскиот разговор помеѓу Трамп и Зеленски од 25 јули.
Потврдата дека постои и втор свиркач би можела да предизвика дополнително незадоволство во Републиканската партија, кај која некои членови веќе го критикуваа повикот на Трамп до Украина и Кина да спроведат истрага против Хантер Бајден, синот на Џо Бајден. Републиканските сенатори Мит Ромни, Бен Сас и Сузан Колинс веќе изразија загриженост за тоа што Трамп се обидува од странски влади да добие помош за претседателските избори во 2020 година.