Директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани, денеска на прес-конференција ги информираше граѓаните дека и годинава во сите скопски општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, во периодот од 30 јули до 1 август ќе бидат поставени посебни контејнери со зафатнина од пет кубни метри во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад.
– Во овој период кога сите заедно се бориме со пандемијата на коронавирусот, неконтролираното одлагање органски отпад може да доведе до низа штетни последици врз нашата животна околина и здравјето на граѓаните. Годинава ќе поставиме 17 вакви садови на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај, за нашите екипи да бидат во можност навремено да го подигнат и да го транспортираат овој вид отпад и на тој начин да се избегне евентуалното ширење на заразни заболувања и непријатната миризба – изјави директорот на ЈП Комунална хигиена.
На прес-конференцијата присуствуваше и скопскиот муфтија Кенан Исмаили, којшто упати апел до сите муслимански верници да не го исфрлаат својот органски отпад на јавни површини и на тој начин да придонесат за заштитата на своето и здравјето на своите најблиски.