Денес градот одбележува Педесет и шест години од катастрофалниот земјотрес

Сеќавање на Душан Маџоски, тогашен студент, кој учествувал во отстранување на последиците на разурнатото Скопје

Скопје денеска одбележува 56 години од катастрофалниот земјотрес. На 26 јули 1963 година, во 5.17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала, што претставува една од најголемите природни непогоди што го имаат погодено градот. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а биле повредени над 4.000, од кои најголемиот дел останале тешки инвалиди. Од потресот биле урнати 15.800 стана, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над главата.

Сеќавањата од овој настан кај преживеаните никогаш нема да избледат. Разговаравме со еден од бригадирите што биле активно вклучени во акциите за справување со последиците од катастрофата во тоа време. Живото сведоштво на сега веќе 80-годишниот Душан Маџоски докажува дека ваквите трагични настани трајно се врежуваат во сеќавањата на луѓето. Тој како 23-годишен студент, од универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ бил испратен во јулската смена во изградбата на патот Братство-единство. Неговата бригада „Мирче Ацев“ била сместена во населбата Будуќност, која се наоѓала кај клучката на патот за Белград, кај Смедерево.
– На 26 јули 1963 година, се сеќавам тоа беше петок, во утринските часови, нашата бригада доби информации дека во Скопје се случил катастрофален земјотрес. Тешко нѐ погоди затоа што немаше информации колкаво е оштетувањето или бројот на настрадани. Еден или два часа подоцна официјално слушнавме на Радио Белград дека Скопје е разурнато. Тоа, практично, нѐ скамени. Сите бевме во шок, затоа што не знаевме што се случува таму со нашите роднини, пријатели и другари. Не знаевме како ќе го најдеме Скопје што нѐ испрати со големо задоволство, песни и развиорени знамиња – вели Маџоски.

Душан Маџоски / Фото: Дарко Андоновски

По извесно време во населбата дошле од Централниот комитет на Сојузот на младината на Македонија и им соопштиле дека неговата бригада треба веднаш да тргне за Скопје. Биле придружувани од автобуси со храна, санитетски материјали и друга дополнителна опрема за помош. По полноќ наредниот ден, во раните утрински часови тие тргнале за Скопје. На автопатот имало жив сообраќај. Спасувачки екипи оделе кон Скопје за помош, други, пак, се враќале за да се евакуираат оттаму. Сите бригадири почнале да ги облеваат мачни мисли, кои со приближувањето кон Скопје само се интензивирале. Кога стигнале во Скопје, гледале како луѓето безумно се движат и слушале плач по улиците.

– Таа слика и тешко чувство дури ни по 56 години не можам да ги заборавам. Како што возевме низ градот се слушаа лелеци на луѓе, плачење и викање напомош. Се гледаа граѓани, некои полуголи, некои како држат предмети што им се важни. Поминавме покрај Земјоделско-шумарскиот факултет, во кој ние ги поминавме нашите студентски денови, и видовме дека е разурнат. Пополека се приближивме и до железничката станица и не можам да заборавам што видов, едноставно како да не постоеше веќе. Офицерскиот дом на плоштадот беше урнат, урнати беа Стопанска банка, хотелот „Македонија“ и други познати објекти. Со секое наредно движење гледавме само потешка и мачна слика – се присетува Маџоски.

Иста била ситуацијата и во центарот на градот, кај плоштадот „Слобода“ и Маџир Маало. Набргу добиле распоред, се зафатиле со работа и почнале да помагаат. Едни добија одговорност за расчистување на урнатините и спасување на луѓето, други беа задолжени за поставување шатори во Тафталиџе и за сместување на луѓето што останале без домови. Некои од бригадирите отидоа и на закоп на починатите, што беше исто така тежок момент. Но и во оваа лоша ситуација, граѓаните покажуваа голема храброст и солидарност, лебот и водата ги делеа меѓу себе. Имаше голем ред и дисциплина, што не може да се опише со зборови, а сите способни сакаа да помогнат. Едноставно, се роди едно големо пријателство, немилиот настан ги зближи граѓаните. Граѓаните од Скопје многу достоинствено, храбро и јуначки го поднесоа катастрофалниот земјотрес.


Градот Скопје организира концерт во Градскиот парк за 56 години од земјотресот

Денес во Градскиот парк на Школка, градот Скопје ќе бележи 56 години од катастрофалниот земјотрес. Овој настан симболично ќе биде одбележан со концерт на кој ќе настапат балкански ѕвезди, Влатко Стефановски, Танос Ставридис – најпознатиот грчки музичар на хармоника, Биља Крстиќ и Биг бенд составен од некои од најпознатите и најдобри македонски музичари, под водство на Љупчо Мирковски, познат македонски музичар и композитор.

– Дваесет и шести јули е денот кога се потсетуваме на еден тажен момент од животот на Скопје. Но тоа е и ден кога треба да го славиме животот, да ги славиме хуманоста и подадената човечка рака. Никако не треба да ја заборавиме светската мобилизација за помош на Скопје и неговите жители. Исто така, овој ден е значаен бидејќи треба секогаш да се потсетуваме дека нема играње со природата и дека ова може да му се случи секому. И по 56 години е важно да се чествува овој ден и сите да се потсетиме на тоа што се случило. Важно е да ги потсетуваме и младите генерации на она што го направил светот за нас, зашто само така ќе ги научиме што значи хуманост и подадена рака во тешки моменти.

Овој ден не го нарекуваме прослава, ниту пак чествување. Дваесет и шести јули е ден на хуманоста, ден на добрите дела и ден за сеќавање на сите што не се повеќе со нас – велат од градот Скопје.

Од градот ги повикуваат граѓаните на овој настан во чест на сите оние што не се повеќе со нас, но и во слава на сите што помогнаа Скопје повторно да се издигне.


Весникот „Нова Македонија“ единствениот автентичен хроничар

Еден од ретките сведоци, ако не и единствен вистински сведок, кој го евидентира настанот на катастрофалниот земјотрес се страниците на дневниот весник „Нова Македонија“. Уште во првото утринско вонредно издание било запишано дека во Скопје се урнати над 1.000 куќи и дека повеќе од 5.000 семејства останале без покрив над главата. Што се однесува до редовното издание, со датум од 26 јули 1963 година, тоа е запаметено како единствен непрочитан број на „Нова Македонија“ затоа што не било доставено до скопските трафики.

Сведоштвата велат дека само неколку часа по земјотресот пред напукнатата новинарска зграда се одржал првиот редакциски состанок на отворено. Новинарските екипи се упатиле на терен, а потесното раководство ја испитувало можноста за печатење на весникот во друг град. Единствена алтернатива била Приштина и со намера весникот да излезе на 27 јули, една група новинари со дел од материјалите отпатувале до Приштина, а скопската редакција се сместила на отворено покрај тогашниот Клуб на пратеници.

Весникот излегол со датум на 27 јули, на формат малку поголем од горноврановскиот, а редакцијата успеала да ги соопшти сите податоци за несреќата, пренесувајќи потресни извештаи за катастрофата, за луѓето под урнатините, како и за дотогашната нечуена и невидена солидарност што доаѓала од земјата и од светот во првите моменти по несреќата.